В.Д. претседателот на партијата „Десна“ Тони Алексовски, тврди дека поранешниот лидер Љупчо Палевски кој е осомничен за убиствоото на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, се уште е во Турција зашто се’ уште за него официјално не била побарана екстрадиција од македонска страна.
„Обвинителството и полицијата немаат никакви материјални докази за вмешаност на Палевски и другите членови за киднапирање и убиствата на Вања и Панче. Дел од признанијата од притворените се изнудени со надминување на ингеренциите на истражните органи, односно со примена на свиреп ќотек. Доказ за тоа е менувањето на првичниот исказ на најмалку еден од обвинетите“, вели Алексовски во интервју за Фокус.
Иако со сигурност не тврди Алексовски вели дека „се работи за злосторничко здружување на власта против „Десна“ и, како што вели, аматерски монтиран случај.
„Што се однесува до екстрадицијата, сигурен сум дека тој барал брза екстрадиција уште на 6 декември 2023 година и дека процедурата за екстрадиција е завршена кон средината на јануари 2024 година. Не е екстрадиран само затоа што македонското Министерство за правда сѐ уште нема официјално побарано екстрадиција на Палевски.
Зошто, тоа треба да го прашате лично Министерот Кренар Лога, особено што во јавните настапи отворено ја манипулираше јавноста дека тој пратил барање за екстрадиција и дека секој момент треба Палевски да биде екстрадиран.
Дури и Стево Пендаровски излезе со дипломатски, аматерска изјава дека тој ургирал кај Ердоган за брза екстрадиција на Палевски. Демек покренал врски.
Јас, како и се повеќе и повеќе Македонци, познавајќи го лично, знаејќи ги неговите намери и заложби, како и особено по запознавањето со содржината на неговото писмо, сигурен сум дека Палевски е жртва на политичка хајка од системот кој што тој е решен да го смени од корен“ вели Алексовски за Фокус.






