Околу 800 работници на поранешно ФЕНИ чекаат да се вратат на работа, откако од вчера нов газда на кавадаречката фабрика е турскиот гигант Јилдирим. Како што објави ТВ24, работниците велат дека во овие неколку критични месеци, успеале да ја одржат печката во работа, па новиот сопственик сега може веднаш да почне со работа. Очекуваат средба со него, на која ќе се разговара за плановите со фабриката, велат од синикатот.

Во истовреме, вработените го чекаат почетокот на стечајното рочиште. Неизвесни се нивните четири плати, кои им ги должи поранешното Еуроникел индустри. Комерцијална банка, која беше сопственик на имотот, кој го доби преку активирање хипотека, нема ништо со овие побарувања. Од што ќе се наплатат парите, засега никој не знае.
Комерцијална банка, која вчера објави дека успешно завршиле преговорите со турскиот гигант Јилдирим, најавува дека ќе помогне да е наплатат парите од оние кои му дожат на поранешен Еуроникел.

„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот Еуроникел имајќи го предвид кредибилитетот и капацитетот на Јилдирим групацијата. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сѐ, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина. Банката останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на Еуроникел веднаш да ги платат своите обврски.“
Новиот газда, групацијата Јилдирим е глобален индустриски конгломерат, со седиште во Амстердам и во Истанбул. Вработува 25 илјади луѓе во повеќе индустрии. Во негова сопственост е Фероникели од Косово, фабрика слична на ФЕНИ и по дејност и по број на вработени. Македонската фабрика се најде во тешка состојба откако во септември лани, дотогашниот сопствник Џи Сол ненајавено ја напушти.





