„Судство.мк“: Јанкуловска осомничена за 30 милиони евра

Околу 30 милиони евра изнесува првично утврдената штета која поранешното раководство на Министерство за внатрешни работи, предводено од Гордана Јанкулоска, сега обвинета во низа случаи на Специјално јавно обвинителство, за девет години, преку сметките за денарско и девизно работење и спец-касата на МВР и УБК ја нанело врз буџетот на Република Македонија.



Точната бројка ќе се знае откако државните ревизори ќе ја испразнат големата соба во МВР полна со сметки, пишува порталот „Судство.мк“.

Во текстот со наслов „ЕКСКЛУЗИВНО: 30 милиони евра ‘стопени’ од сметките на МВР во времето на Јанкуловска“, порталот пишува дека во купиштата хартии ревизорите ќе треба да најдат колку пари се одлеани преку илјадниците фискални сметки, патни налози за службени патувања во земјава и во странство, одвоени пари за семинари и обуки, наводно, потрошенена готовина оправдана само со писмено образложение „службен ручек со соработник“ и „трошок на соработник“ и слично.

„Нивна задача ќе биде да ги проверат фактите за набавките на сега веќе уништените специјални опреми, незаконската набавка на скапи патнички возила, енормната потрошувачка на гориво која била толкава небаре полицијата патролирала на територија колку цела Кина. Под лупа ќе биде точењето гориво на службената бензинска пумпа во кругот на МВР и за партиски и за приватни возила, енормното трошење на денари и девизи преку службените картички за сѐ и сешто, крадењето автоделови, вонредните поправки на нови возила, огромните количества потрошени канцелариски материјал и опрема, користењето на хеликоптерот на МВР за ‘службени цели’ при патување во некои земји на Балканот, нејасно оштетените службени возила во сообраќајки, делењето поголеми чинови, а со тоа и поголеми плати на ‘заслужни службеници’, доделувањето парични награди кому иде и така, уште стотици други незаконски дела сторени од сега осомничени и обвинити поранешни функционери на МВР“, се додава во текстот.