„Предлагам да ја преземеме одговорноста, поврзана за нашиот опстанок, наместо да дрочиме како скаменети хористи, кои тежнеат да се гледаат самите себеси исклучиво во минатото, во анахроноста, и да чучат во старите и ’рѓосани лимени конзерви, игнорирајќи ги вистинските состојби, што ни се одвиваат тука, пред носот. Недозволиво е да немаме став за ЕУ, која е докажано најуспешниот политички мировен и демократски проект.“ – вели Ана Чупеска, доктор по политички науки и професорка на Катедрата за политички науки во Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во својата скандалозна колумна со наслов „Скаменети хористи“, која ја објави весникот „Слободен печат“. Во своето писание од „висок стил“ Чупеска, иако заобиколно, сепак, сосема јасно врши напад врз сите противници на промената на уставот, кои не се согласуваат со „донесувањето одлуки – макар и тешки“. Нив професорката Чупеска ги нарекува „хор од скаменети хористи“, но и „социопати“, а „социопат“ е, според научните дефиниции во социологијата и психијатријата, поединец со противопштествено и умствено пореметување на личноста! Оваа колумнистка фрла „дрва и камења“ и против сите политички партии, дел од академиците од Македонската академија на науки и уметности и дел од владиците во Македонската православна црква-Охридска архиепископија, кои се застапуваат за македонски, национални позиции, секој од свој агол и на свој начин.
Во својата „колумна“ Чупеска, покрај другото пишува: Овде, кај нас, хорот на камењата, пикнати во лимените конзерви, е толку истапкан во наци-догматизам, што продаваат божемни „морални“ позиции на ист начин како што Хитлер продавал етика кога ги чистел ариевците од вишокот човечко месо. „Чистата нација“ не е морална позиција! Исто како што гасната комора не е тоа!
Хорот од камења, што клечи во лимени конзерви, кој „ниту-смрди-ниту-мириса“, ниту разбира, не е заинтересиран за сложеноста на општественополитичкиот контекст. Тој хор од камења има чувства на страв и омраза и самоодбранбени заблуди. Таквата позиција не може да биде оправдана, туку може да биде единствено себезалажувачка! Судирот против моралноста видливо го доби својот политички рефлекс преку МПЦ-ОА, дел од МАНУ, доминантните во ВМРО, Левица, Родина Македонија, Десна-убијците, и други слични патриотски зелкини лисја.
Овде на сцена имаме хористичка патрдија, која упорно се обидува да ја избегне токму моралната одговорност на предизвикувачките актуелности на своето време. Каква самодоволност и социопатија (состојба на противопштествено и умствено пореметување на личноста кај поединци, што имаат и високо мислење за себе – ред.прев.).
„Помирувањето“ ќе има(ше) цврсто тло, само ако беа сфатени демократијата, уставот, мирот, соживотот. Но, скаменетиве хористи од лимените конзерви не ја капираат стварноста. Тие не прифаќаат дека времињата се поинакви од оние од каменото доба и имаат свои специфични предизвици, и дека за тие предизвици мора да се донесуваат одлуки – макар и тешки! Па и една амеба има повеќе желба за приспособување кон животните околности.
Но, нема каде да бегате и иако сте во конзервите и тие ќе ви дотраат, па ќе мора да се соочите со реалноста и да одговорите на клучните прашања врзани за опстанокот на Македонија во доба на забрзани цивилизациски промени.





