Укинување на Балансерот и институционални реформи – анализа на Платформата 1198

Укинување на балансерот, намалување на бројот на пратеници во Собранието од 120 на 90, реорганизација на министерствата, една изборна единица, укинување на позицијата заменик дирекор, помалку управни и надзорни одбори кои ќе имаат помалку членови – ова се главните проекти на ВМРО-ДПМНЕ за институционална реформа на Македонија опфатени во изборната програма Платформа 1198.



Во програмата која се потпира на 6 клучни столбови има 1198 проекти.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посочи дека еден од главните услови за коалицирање со неговата партија ќе биде укинување на балансерот, односно вработување по основа на национална припадност, вели истиот дискиминира и фаворизира.

Ова е услов исто така, кој сака да биде во коалиција со идниот убедлив победник на следните избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи ќе мора да седне и да преговара и да се сложи за укинување на балансерот, затоа што цениме дека е неправичен, дека фаворизира, дека дискриминира, рече Мицкоски.

Најави доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на чело на Владата ќе има реорганизација на институциите – ново министерство за енеретика, министерство за социјална политика, демографија и млади, а делот за труд да биде припоен кон министерството за економија.

Планираме отворање на едно ново министерство а тоа е министерството за енергетика рударство и минерални суровини и цениме дека е премалку еден сектор во министерството за економија кое многу слабо ја вршеше работата. За младите е многу важно да планираме министерство за спорт и досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во министерство за спорт, а секторот млади да го поврземе со едно ново министерство кое што ќе биде формирано, а ќе биде практично наследник на министерството за труд и социјална политика а тоа е министерството за социјална политика, демографија и млади, а делот од труд ќе биде поврзано со министерството за економија и труд, рече Мицкоски.

Во партиската програма е предвидено и намалување на бројот на пратеници на 90, Македонија да биде една изборна единица со што воедно ќе се овозможи и непречено гласање на дијаспората.

Во Платформата одвоен е и дел за враќање на довербата во судството, која речиси сега и не постои. Мицкоски посочува – за да го направиме тоа мораме да почнеме од вистинскиот проблем а тоа е судскиот совет и советот на јавни обвинители, безусловно распуштање на овие две структури, а понатаму формирање на истите врз основа на вистински критериуми, критериуми кои ќе значат заштита на правдата.

Извор: Алфа ТВ