За да се прехрани едно четиричлено семејство, за разлика од синдикалната кошничка која во моментот достигна 60.000 денари, нашите пресметки се дека оваа сума не е доволна и за да се помине месецот потребни се минимум 72.300 денари.
Плата за живот, а не минимална плата, за да има социјална правда и доволно средства за егзистенција на работниците и нивните семејства, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
„Ние велиме дека во платата треба да бидат вклучени и непредвидени трошоци. Едноставно, ако се расипе машината за садови или перење алишта, не земајте кредит како ние сега, туку имајте соодветна заштеда од платата, а тоа е некаде околу 10 проценти“, вели Ампева.
Како што вели, оваа пресметка покажува дека минималната плата покрива само 29 отсто од трошоците за живот.
Од друга страна, просечната плата не ја отсликува реалната состојба, бидејќи е пресек на највисоките и најниските примања.
„Немаме институција која вели дека мора да се почитуваат некои европски регулативи, мора да се грижиме малку повеќе за населението и нивниот стандард… сега имаме екстремно богати и екстремно сиромашни, имаме и луѓе кои преживуваат со 100 денари, има и по 50 денари дневно“, вели Ампева.





