Беким Ќоку, претставник на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување) и политички советник на косовскиот премиер Албин Курти изјави за телевизијата Еуроњуз Албанија дека неговата партија е камен-темелник на здружената албанска опозиција „Вреди“ во Македонија. Во ова интервју Беким Ќоку отворено и директно потврдува дека Албин Курти и неговата партија се мешале во внатрешните работи на Македонија и во нејзиниот политички живот, а посебно во нејзините парламентарни избори во 2016 и во 2020 година. Ќоку нагласува дека разликата е во тоа што овојпат амбицијата на косовскиот премиер и на Ветвендосје (Самоопределување)е да учествуваат и непосредно на парламентарните избори во Македонија преку неговото вклучување во изборната листа на албанската опозициска коалиција „Вреди“, со цел да станат и дел на извршната власт и директно да влијаат врз политичкото одлучување во македонската држава. Со своите амбиции да стане „сеалбански политичар-лидер“ Курти и неговата партија учествуваа и на парламентарните избори во Албанија во 2021 година, но таму доживеаја целосен дебакл: од 1 милион и 660 илјади гласачки ливчиња, уфрлени во кутиите, тројцата предложени кандидати од Ветвендосје (Самоопределување) добија само околу 3500 гласачки ливчиња. Поради тоа, тогаш косовскиот и „сеалбански премиер“ Курти со својата партија не освои ниеден пратенички мандат во албанскиот парламент. Останува да се види како ќе помине и на изборите во Македонија.
На својот интернет-портал Еуроњуз Албанија ги пренесува покарактеристичните искажувања од интервјуто, кое го даде Беким Ќоку: „Тој вели дека ДУИ се плаши од сојузот на албанските опозициски партии, бидејќи, според него, се загрозува политичкиот монопол на ДУИ и таа запаѓа во опасност да падне од власта. Ќоку посочи дека Ветвендосје (Самоопределување) е движење, кое вклучило многу Албанци и оти ‘тоа влијае позитивно таму каде што се создава можноста’. ‘
„Јас сум роден и одраснат во Охрид. Десет години сум член на оваа партија. Ние учествувавме во многу политички активности во Р*М. Учествувавме во тамошните парламентарни избори во 2016 година, потоа и во 2020 година. Но овојпат промената во нашите активности е во тоа што, јас како активист на Ветвендосје (Самоопределување), одлучив да бидам и дел од изборната листа на коалицијата ‘Вреди’.’ – изнесе Беким Ќоку.“
„Тој нагласи дека ‘Ветвендосје (Самоопределување) е еден од камењата-темелници на големата албанска опозициска коалиција ‘Вреди’ и дополни: ‘Проблемот не е Ветвендосје (Самоопределување), туку сојузот на Албанците, сојузот на албанската опозиција во Р*М. ‘На ДУИ за прв пат по 22 години на власт ѝ се загрозува политичкиот монопол, што го има во Р*М. Тој создаде поединци со различна моќ. Ако биде загрозен ваквиот систем, нормално дека ќе уследи реакција на ДУИ. Таа се наоѓа во опасност да замине во опозиција за првпат.’ – рече Беким Ќоку.““





