Градежниот сектор пред нов предизвик. Растат цените на градежните материјали, не се очекува поевтинување на станбениот квадрат. Основните градежни материјали бележат раст на цените, а она што загрижува е неизвесниот крај на поскапувањата, алармираат градежниците. Токму затоа, и до крајот на годинава не очекуваат да поевтинат становите, туку напротив, или ќе останат како сега, или благо ќе поскапат. Според инвеститорот Ивица Јакимовски, кој даде интервју за државната МРТ1, тоа се должи на големата побарувачка и скапите репроматеријали.

Што се однесува до станбениот квадрат, најскапо оди во центарот на Скопје кој веќе надмина 2.200 евра, пред сè во строгиот центар на градот, велат градежниците. Помалите станови достигнуваат цена и до 2.500 евра за квадрат. Граѓаните реагираат дека е прескапо. Само лани, според државната статистика, цените на становите пораснале за близу 20 проценти.

Ако ги прашате инвеститорите тој тренд на поскапување се очекува да продолжи и во текот на 2024-та. Факт е дека цените на становите нема да поевтинат, велат инвеститорите, тоа е поради поскапувања на материјалите.
Според градежниците, треба да се направи поголема контрола за тоа кој гради, и пред сè што се гради, со цел да се стави крај на урбанистичкиот хаос не само во Скопје, туку и во останатите градови.

Дополнителен проблем според бизнисмените е и одливот на квалификуван кадар, кој го има се помалку. Во Скопје веќе нема квалитетни локации за градба, велат инвеститорите. И оние што ги има, сопствениците на земјиштето го видоа трендот на раст на цените на становите и ги кренаа цените на парцелите.





