Андреј Маслов, амбасадор на Русија во Грција, смета дека Атина и Скопје треба на билатерално ниво да ги надминат разликите за името на Македонија, без никој да им се меша и да ги брза.



„Прашањето за именувањето на Македонија може да се реши преку билатерални преговори меѓу Атина и Скопје, без надворешно мешање и наметнување на вештачки временски рамки. Русија ќе го прифати секој договор што ќе го постигнат двете земји“, изјави тој во интервју за руската новинска агенција РИА Новости.

На констатацијата дека „никој дури и не крие дека сегашното решавање на долготрајниот и болен спор за името се должи на обидот да се вовлече земјата во НАТО“, Маслов го повтори познатиот став на официјална Москва.

„За проблемот со проширувањето на НАТО на Балканот позицијата на Русија е многу јасна. Вовлекувањето на земјите од регионот во Северноатлантскиот сојуз по секоја цена е сериозен дестабилизирачки фактор, кој доведува до појава на нови линии на поделба, до нерамнотежа на сегашниот систем за безбедност и до зајакнување на потенцијалот за конфликт тука, што не може а да не предизвика загриженост“, одговори првиот руски дипломат во грчкиот главен град.