Израел предизвикува глад во Газа и го користи како воено оружје, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, цитиран од Ројтерс.
„Во Газа повеќе не сме на работ на глад, ние сме во состојба на глад што погодува илјадници луѓе“, нагласи Борел на отворањето на конференцијата за хуманитарна помош за палестинската енклава во Брисел.
„Ова е неприфатливо. Гладот се користи како оружје во војна. Израел предизвикува глад“, рече тој.
Како одговор, израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го повика Борел „да престане да го напаѓа Израел и да го признае нашето право на самоодбрана од злосторствата на Хамас“.
Кац нагласи дека Израел дозволил „обемна хуманитарна помош за Газа по копно, воздух и море за секој што сака да помогне“, но таа помош е „насилно прекината“ од борците на Хамас со „помош“ на агенцијата на ОН за палестинските бегалци. .






