Красимир Узунов, претседател на агенцијата и национално радио „Фокус“ од Бугарија, не ја исклучува можноста од немири во Македонија и од пад на Владата ако се оди на менување на името на државата во Собрание.
„Има ли референдум за промена на името на земјата, тоа значи уште шест-седум месеци, т.е. оваа година најверојатно ќе биде загубена. Ако се отиде на варијантата на смена на името во Парламентот, не исклучувам и внатрешни борби. Може да дојде и до паѓање на Владата“, изјави аналитичарот на историјата на Македонија, како што го претставува радиото.
Узунов додава дека треба да се види и какви промени треба да се направат во македонскиот Устав.
„За Албанците тоа нема никакво значење, за Македонија тоа е прашање на чест“, заклучува аналитичарот, според кој „земјата што треба да направи повеќе отстапки за разрешување на длабокиот спор за името е Македонија“.
Задачата на Грција, според Узунов, е да ги разубеди 71 процент од грчките граѓани што се противат на сложено име што ќе го содржи зборот „Македонија“.





