„Гордана Силјановска-Давкова е четнички војвода Воислав Шешељ во здолниште, нејзината докторска титула и универзитетското професорско звање не се гаранција дека е умна да води политики во општеството Таа е предводник на примитивниот националистички хор, кој тврди дека Договорот со Бугарија е штетен и треба да се промени, дека францускиот предлог не е европски, туку шовинистичко–бугарски и затоа не треба да се внесат Бугарите во Уставот и не треба да продолжат преговорите, туку треба да се бара нова рамка за започнување на преговорите со ЕУ!“ – наведува така наречениот „универзитетски професор“ и поранешен амбасадор Ѓорѓи Спасов во својата колумна со наслов „За ‘научниот национализам’ на Силјановска“, во која се обидува да навреди меѓународно признат научен експерт и сега претседателска кандидатка – Гордана Силјановска-Давкова, користејќи приземен речник, кој ги покажува ниското интелектуално и човечко рамниште, што ги има овој жесток пропагатор и бранител на антимакедонската партија СДСМ. Дрскоста и скандалозниот јавен истап на Ѓорѓи Спасов во ова писание се толкави, што тој се осмелува да ги навредува не само членството на ВМРО ДПМНЕ, туку и сите други Македонци и граѓани на Македонија, кои поради своето лично политичко убедување ќе гласаат за Силјановска-Давкова на претседателските избори. Дрскоста и скандалозниот јавен истап на Ѓорѓи Спасов одат толку далеку, што тој си дозволува и да ги навредува сите „примитивни националисти-Македонци“, цинично и подбивно велејќи дека тие се народ „кој има ниска самодоверба во својот непроменлив етнички идентитет“! Дали жестината на овој напад на Ѓорѓи Спасов е еднаква на огромниот предизборен страв, кој тој и неговата партија СДСМ ги имаат од Гордана Силјановска-Давкова, од ВМРО ДПМНЕ, но и од „примитивниот националистички хор на Македонците“, како што се изразува поправо тој примитивно во колумната?!
Покрај другото, Спасов пишува: Четничкиот војвода Воислав Шешељ е доказ дека докторската титула и универзитетското професорско звање не се гаранција за водење умни политики во општеството. Од сѐ што кажува кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова уште сега е јасно дека со нејзиниот можен избор Македонија ќе го добие својот Воислав Шешељ во здолниште.
Откако ја загуби претседателската трка во 2019 година и беше избрана како пратеник на македонската десница во 2020 година, таа сето свое знаење и умеење го стави на располагање на партијата, која се противеше на Договорот за добрососедство со Бугарија, правеше сѐ да не успее референдумот, за да не се прифати Преспанскиот договор, која е против внесувањето на Бугарите во Уставот со што се блокираат разговорите за членство на Македонија со ЕУ. Гордана Силјановска-Давкова ветува дека ќе ги амнестира осудените за извршеното насилство во Собранието на 27 март 2017 година, со кое беше направен обид за спречување на мирната промена на власта.
Таа, како и партијата што ја поддржува, наводно немаат ништо против земјата да станела членка на НАТО, ама тоа не смеело да се случи на начинот на којшто стана. Не смеело да се прифати промената на името на земјата со Преспанскиот договор, референдумското прашање било манипулативно, референдумот не бил успешен, а промената на Уставот била направена на нелегален начин. Оваа „уставобранителка“ им дава право на граѓаните, а веројатно и на идниот претседател на државата, да бараат поништување на нелегалната промена на Уставот, со која е прифатено името * Македонија, како и да бараат откажување на Македонија од договорот со Грција.
Иста е нејзината приказна во врска со Договорот со Бугарија и француската рамка за преговори и членство во ЕУ. Таа е предводник на хорот, кој тврди дека Договорт со Бугарија е штетен и треба да се промени, односно не треба да се почитува од наша страна, ека францускиот предлог не е европски, туку шовинистичко–бугарски, и затоа не треба да се внесат Бугарите во Уставот и не треба да продолжат преговорите, туку треба да се бара нова рамка за започнување на преговорите со ЕУ.
Сите приказни на македонските националисти за тоа дека со можна промена на Уставот ќе започне насилна бугаризација, ќе се соочиме со нови вета од Бугарија на патот кон членство на ЕУ и дека ќе биде загрозен македонскиот национален идентитет, таа ги пакува во фразите за некаква „одбрана на Уставот“. Таа е класичен идеолог на популистичката десница. Устата и е полна со некаква одбрана на Уставот и ослободување на уставобранителите, кои не дозволуваа Албанец да стане претседател на Собранието.
Говори за некакви права на Македонците кои таа ќе им ги обезбеди, за гордоста на македонската нација, која претходната власт ја довела во прашање, за политика со која Македонија прво ќе станела правна држава без криминал и корупција и потоа со така зајакната позиција ќе разговарала за членство во ЕУ.
Срамно е што на еден примитивен национализам таа како идеолог му дава некаква „научна верификација и оправдување“ само за да се добере до функцијата претседател. Овој „научен национализам“ на Силјановска-Давкова“ бргу ќе се покаже дека е само придонес во манипулацијата со масите. Гордана Силјановска-Давкова прави сѐ за да ја добие функцијата претседател со ширењето страв од Бугарите, од Албанците и од ЕУ. Таа ја потхранува ниската самодовереба на етничките Македонци во нивниот непроменлив етнички идентитет и води кампања на ширење страв од домашниот и надворешниот непријател. Сега од можната нова функција веројатно може да се влезе и во меѓународен патриотски бизнис.
Таа ќе го поттикува албанскиот национализам во Македонија. Секако дека заради некои свои калкулации Албанците во Македонија можат да одлучат поинаку. Но кога ќе одлучуваат за тоа ќе треба да се сетат на мислата на англискиот филозоф Едмунд Бурк, кој рекол: „Светот е опасно место за живеење не заради злобните луѓе туку поради добрите што ништо не преземаат“.





