Списокот на производи кои ќе имаат ограничена маржа произлезена од Законот за нефер трговски практики е веќе подготвена и ќе биде испратена од бизнис заедниците кои ќе имаат 10 дена да го кажат своето мислење и да дадат свои сугестии за тоа кои производи треба да се најадат на списокот, изјави министерот за економија Крешник Бектеши. Тој посочи дека предлог-списокот на производи можат да го добијат сите заинтересирани.
- Списокот има над 2.500 земјоделски и прехранбени производи. Тој деновиве ќе биде доставен до бизнис заедниците кои ќе треба да го разгледаат и да дадат свои сугестии. Најдоцна за 10 дена ќе имаме предлози и сугестии и согласно тоа ќе го подготвиме списокот, потоа сите трговци ќе треба да ги усогласат цените – рече Бектеши.

Тој најави и построги мерки доколку се случи и покрај договорот драстично да се зголемат цените.
- Ако имаме големо зголемување на цените, пред сѐ, на прехранбените производи, ќе ѝ предложиме на владата мерки, но верувам дека трговците, посебно големите синџири, ќе бидат општествено одговорни и нема да ги зголемат цените. Ние ќе донесеме мерки во корист на граѓаните. Не би сакал да ги кажам опциите кои би биле преземени, бидејќи тие се носат по направени анализи. Сепак, ќе кажам дека во опција се: замрзнување цени, воведување посебни услови на одредени трговци и затворање на синџири на супермаркети кои би се однесувале спротивно – рече Бектеши.

На прашањето зошто Организацијата на потрошувачи не го добила списокот, Бектеши рече дека секој кој е заинтересиран за списокот може да го добие. За спречување на евентуалните злоупотреби на производителите на храна што ќе ги прават маркетите во вакуум просторот до стапување во сила на Законот за нефер практики рече дека Министерството за економија нема да преземе ништо и ги повика домашните производители да не паѓаат на „финтите“ на одредени доминантни синџири на супермаркети во нашата држава кои од производителите бараат поголем рабат од 15 до 20 отсто и склучување договори од три месеци.





