Фатон Ахмети: Не е далечно времето кога Албанците ги зедоа пушките заради слободата! – Да го исполниме нивниот аманет!

„Не е премногу далечно времето кога момчињата-Албанци и девојките-Албанки ги зедоа пушките, за да ги бараат слободата и рамноправноста, жртвувајќи го своето најсвето нешто-животот. Денешните добра, што ги уживаме, се плод на ангажирањето на многу поколенија и ние сме должни да го оживотвориме нивниот аманет!“напиша Фатон Ахмети, генералниот секретар на Демократската унија за интеграција на својот фејсбук-профил по повод 23-годишнината од избувнувањето на оружениот конфликт, кога на 14-март  во 2001 година вооружените припадници на УЧК од месноста Кале над Тетово ги нападнаа припадниците на македонската полиција и на Армијата на Република Македонија. Со ова оружениот судир тогаш се прошири и во тетовскиот регион.



Во својата објава на фејсбук Фатон Ахмети уште напиша: Денес во селото Селце кај Тетово, заедно со врховниот командант на УЧК Али Ахмети, со првиот албански премиер Талат Џафери, со командантот на 112-тата бригада на УЧК „Мујдин Алиу“ Хазби Лика, со претседателот на Здружението на воените ветерани на УЧК Фазли Велиу, со поранешни борци, сопартијци и граѓани, ја одбележавме годишнината од „Пролетта на достоинството“, сеќавајќи се на загинатите за слобода и на многуте жртви на жителите од овој крај.