Државните Електрани на Македонија набавуваат 500.000 тони јаглен за потребите на РЕК Битола. Ова се првите договорени количини од повикот со кој се бараа 1,4 милиони тони јаглен за најголемиот производител на струја во земјава. Телма праша во ЕСМ, колку фирми се јавиле на повикот, кој ќе го испорачиува јагленот и колку чини, но одговори од Државните Електрани нема. Иако, ваквите податоци би требало да се соопштуваат. Во повикот кој се објави минатиот месец, се бараат над двојно повеќе од досегашните потреби на РЕК Битола. Поточно 1.390.720 тони јаглен.

Но, колку од количината ќе биде набавена ќе зависи од квалитетот на јагленот и од средствата предвидено за оваа набавка. Така стои во документот. Во моментов производствената цена на струја на РЕК Битола за кого се набавува јагленот е повисока од берзанската. Мегават час од централата чини околу 110 евра, на ЕСМ е нешто пониска, а берзанската е околу 70 евра. И покрај тоа што во моментов е поскапо да се произведе, сепак се прави напор освен едниот блок кој сега работи, од следната недела во функција да се стави уште еден.

Паралелно, компанијата која управува со Државните Електрани си го прибра ТЕЦ Неготино. Оваа централа, се спои со ЕСМ и повеќе нема да биде засебен правен субјект. Целиот имот на ТЕЦ Неготино сега е во сопстеност на ЕСМ. Информацијата за спојувањето на двете државни друштва е објавена вчера на Македонска беза.
– На ден 29.02.2024 година, со Решение со деловоден број 3502024000533, направен е упис на статусна промена – присоединување на Акционерско друштво за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино во Државна сопственост, Неготино, кон Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија во државна сопственост Скопје, со бришење на Акционерско друштво за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино.





