Производителите ветија дека нема да ги покачат цените, но дали ќе го сторат тоа и трговците? Ќе има благ пад на цените на храната, ама не веднаш – туку на есен, откако ќе стапи во сила Законот за нефер трговски практики кој помина во Собрание. Економисти за МТВ велат дека и откако реално ќе профункционира Законот, граѓаните да не очекуваат чуда. Во меѓувреме, производителите и трговците имаат рок од 6 месеци за да ги усогласат договорите, кога треба да ги усогласат цените. Законот содржи 26 нефер трговски практики за спречување на манипулациите, а за приспособување на фирмите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци.

Организацијата на потрошувачи пак, се уште ја нема добиено листата со производи кои треба да поевтинат со законот за нефер трговски практики. Кои прехрабени продукти ги напишало министерството за економија, во организацијата дознале од медиумите. Списокот од над 2.600 артикли треба да добие зелено светло од ОПМ, но и од Стопанската комора.
- „Ние како организација на потрошувачи официјално ја немаме добиено листата од страна на законодавецот, сме ја виделе листата од она што беше објавено по медиумите. И ние го конститатиравме истото дека дел од луксузните производи кои претходно беа третирани како луксуз, сега се поместени на оваа листа. Се надеваме дека во иднина, како и стопанските комори, така и ние како ОПМ, ќе ја добиеме листата и заедно со законодавецот може ќе имаме и некој заеднички состанок и ќе видиме кои производи треба да бидат опфатени со таа листа“ вели Татјана Тасевска, Организација на потрошувачи на Македонија.

Тасевска вели иако законот не се однесува директно на потрошувачите, доколку доследно се почитува ќе ги намали цените. Токму затоа, според неа, најважна е примената, ама и контролата.
„Да се ограничи маржата на 10%, да не се бараат дополнителни средства оти понекогаш трговците знаат да бараат за рекламирање, за во флаери и така натаму, бидејќи сето тоа влијае на покачување на цената. Она што е најважно кај нас е секако примената на тој закон. Се надеваме дека комисијата за конкуренција ќе биде спремна за 6 месеци, дека ќе биде доволно екипирана за да може да се применува законот и да се следат сите состојби на пазарот“, додава таа.
Листата на земјоделски и на прехранбени производи треба да биде донесена во рок од три месеци од денот на стапувањето во сила на Законот, а набавувачите и купувачите што склучиле договори за снабдување со земјоделски и со прехранбени производи, се должни во рок од шест месеци да се усогласат со одредбите од Законот.

Откако се тргна мерката „гарантирани цени“, производите во маркетите поскапеа за 10 до 15 отсто. Економските експерти предупредија дека тоа ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните, но надлежните не покажаа дека се грижат за народот.
Првите ефекти ќе се видат дури наесен оти производителите и трговците имаат рок од 6 месеци за да ги усогласат договорите. За непочитување на Законот предвидени се парични казни од 20.000 евра.





