Министерството за одбрана на Русија денеска објави дека нејзините оружени сили елиминирале речиси 6.000 странски доброволци во досегашниот над двегодишен тек на „специјалната воена операција“ во Украина.
Според Министерството, од февруари 2022 година до денес 13.387 „странски наемници“ од десетици земји се бореле во украина досега, од кои 5.962 се ликвидирани.
Западниот украински сосед Полска, еден од најсилните поддржувачи на Киев во војната со Москва, е со убедливо најмногу платеници во Украина, вкупно 2.960 досега, од кои над половина, поточно 1.497, се убиени од руските сили.
Најголемиот спонзор и донатор на воена помош на Киев, САД, се на второто место со 1.113 платеници, од кои 491 се ликвидирани, тврди руското Министерството за одбрана.
Трета на листата е Грузија со 1.042 борци на страната на Украина, од кои 561 повеќе не се меѓу живите, а со слично учество во жртвите е Канада со 1.005 платеници, од кои Русите тврдат дека убиле 491.
Велика Британија, Романија, Хрватска и Франција следуваат на листата со значителен број платеници во Украина. На украинските боишта се појавиле 356 Французи, од кои 147 се елиминирани.





