По Фондот за здравствено осигурување и Македонскиот електропреносен оператор (МЕПСО) е под уцена со барање откуп од 10 биткоини или околу 700 илјади долари за одблокирање на нивниот компјутерски систем, објавува МКД.
Јавноста се уште не знае дали ФЗО лани во февруари по 14 дневниот прекин на нивниот систем го платиле бараниот откуп од 20 биткоини, тогаш околу 400 илјади доалри, но системот на МЕПСО веќе 10 дена е блокиран и се бара помош и од МВР и од други институции и од странство.
Како што дознава МКД хакерскиот напад се случил на 3 март, недела, околу пладне, по што сите службени компјутери биле блокирани. МЕПСО на 7 март соопшти дека се соочува со сајбер напад, но дека „целосниот интегритет на електроенергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени. Критичната електроенергетска инфраструктура не е предмет на нападот, таа е безбедна и целосно функционална. Во услови кога целиот свет се соочува со негативен глобален тренд на сајбер напади и нашата компанија не остана имуна на тоа. Иако МЕПСО ги има преземено сите мерки за заштита од сајбер напади од највисок степен сепак деновиве се соочивме со инциденти од тој вид… Целосниот интегритет на електро-енергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени“, соопшти тогаш МЕПСО.
Преземени биле сите мерки, сите надлежни институции биле информирани, експертите работеле на нормализирање на секојдневната работа на компанијата…, но проблемот остана. Групата „Бели зајаци“ (White rabbits) наводно стои зад овој напад, а адресите за потеклото на нападот покажуваат дека доаѓаат од најмалку 4 држави, дознава МКД.мк.





