Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ ја одбележува 43-годишнината од формирањето, а ТВ 21 го искористи поводот за да праша зошто до денес во неа нема ниту еден Албанец.
„Прашањата ќе ги упатите до Министерството поради фактот што тоа е надлежност на ресорното министерство. Не е надлежност на Владата да каже кога ќе се вработи, а кога нема да се вработи. Станувз збор за Министерството, кога ќе имате можност ќе им го поставите прашањето“, изјави техничкиот премиер Талат Џафери.
Дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, пак, одговори дека при вработувањето во елитната единица не се прават селекции по етничка припадност, туку се распишува интерен конкурс и има посебен избор.
„За влез во оваа единица не е потребна ниту етничка, верска, ниту политичка припадност, туку само да се исполнат условите при изборот. Секој што ќе ја помине селекцијата ќе биде примен во единицата ‘Тигри’. За влез во единицата „Тигри“ можат да конкурираат полициски службеници кои моментално се вработени во МВР. Се распишува интерен конкурс и има посебна програма за избор. Тој што ќе ја помине селекцијата, може да влезе во ‘Тигрите’“, рече Бојмацалиев.
Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски пред една година изјави дека на последниот интерен конкурс за вработување во оваа единица имало само еден кандидат Албанец, но тој не поминал бидејќи не знаел да плива.






