Внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој беше основач и сопственик на „Тор индустрис“ до крајот на годинава ќе се повлече од раководната функција во компанијата. Оваа информација на 13 март преку соопштение до медиумите ја соопштија од „Тор индустрис“ објавувајќи дека компанијата има нови газди. Според соопштението, новите сопственик е американската компанија „Тексас американ интернешенал холдингс“.

- „Дрин Ахмеди, извршниот директор кој беше на чело на компанијата како основач и сопственик на ’Тор индустрис‘ водејќи ја компанијата низ различни фази на раст и реструктуирање, ќе се повлече до крајот на годината. Оваа одлука доаѓа како дел од планот за транзиција на стратешкото лидерство, кој обезбедува непречено и ефективно пренесување на одговорностите на новиот менаџерски тим назначен од ’Американ интернешенал холдингс‘ во Тексас“, пишува во соопштението од „Тор индустрис“.
Во него се додава дека интеграцијата на „Тор индустрис“ во американската компанија претставува „хармонично усогласување на вредностите и стратешките цели на двете фирми“, како и дека се „отвораат нови патишта за иновации, проширување на пазарот и подобри понуди на услуги за клиентите“.

Од „Тор индустрис“ најавуваат дека дополнителни детали за транзициите на раководните позиции ќе бидат споделени со јавноста „во догледно време“. Компанијата на вкукот на Али Ахмети беше во фокусот на јавноста откако го купи трговскиот центар „Соравиа“ во центарот на Скопје.
Во јуни 2023 австриските сопственици на „Соравиа“ објавија дека продаваат 90 отсто од акциите во двете нејзини фирми „Соравиа инвест“ и „Соравиа „Менаџмент“. Новите мнозински сопственици станаа „Тор индустрис“ и албанската компанија „Пе-вла-ку“. Ахмети заедно со албанскиот бизнисмен од „Пе-вла-ку“ Владимир Пјетерѓокај тогаш излегоа на заедничка прес-конференција, но не открија по која цена го купуваат трговскиот центар. Она што го кажаа е дека го преземаат долгот на „Соравиа“ од 20 милиони евра.
Покрај „Тор индустрис“, Дрин Ахмети поседува и други бизниси.





