Русија останува во состојба на висока готовност и е целосно подготвена за нуклеарна војна, но во моментов „не се брза кон неа“ изјави Владимир Путин во интервју за државните медиуми, пренесува Ројтерс.



Русија би била подготвена да употреби нуклеарно оружје доколку нејзиниот суверенитет биде загрозен, посочи Путин.

Според него, САД разбираат дека доколку распоредат американски војници на руска територија или во Украина, Русија ќе го третира овој потег како интервенција.

„Затоа не мислам дека тука сè брза кон нуклеарна конфронтација, но ние сме подготвени на тоа“, коментира рускиот претседател.

Тој повтори дека употребата на нуклеарно оружје е специфицирана во нуклеарната доктрина на Кремљ, неговата политика која ги дефинира околностите под кои Русија може да го користи своето оружје.

„Оружјето постои за да се користи“, рече Путин..

Сепак, Путин рече дека Русија никогаш не се соочила со потребата да користи нуклеарно оружје во Украина, каде што конфликтот беснее од февруари 2022 година.

„Зошто мораме да користиме оружје за масовно уништување? Никогаш немало потреба“.

Интервјуто на Владимир Путин доаѓа само неколку дена пред претседателските избори во Русија од 15 до 17 март, кои речиси сигурно ќе му дадат уште шест години на власт.