Најновиот заем ќе го земе државната компанија „НОМАГАС АД Скопје“, дознава Фактор според кој, всушност, Македонија ќе се задолжи во износ од 98.600.000 евра за финансирање на Проектот за регионална гасификација бидејќи Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го условува одобрувањето на заемот со издавање на гаранција од страна на државата.
Заемот се доделува во две транши и тоа првата транша е во износ од 66.344.000 евра, а втората транша е во износ од 32.256.000 евра. Рокот за отплата на двете транши од заемот е 15 години со вклучен грејс период од три години.
Предлагачите, Министерството за финансии бараат законот да се донесе по скратена постапка.
Тие посочуваат дека проектот за регионална гасификација е од стратешко значење за Македонија.
Со проектот е опфатен интерконекторот со Грција (66 км) и двете делници: делница Гостивар – Кичево (34 км) и делница Свети Николе – Велес (28 км).






