САД го поддржаа пристапувањето на Македонија во Европската Унија (ЕУ) во најнова резолуција во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис, јавува Гласот на Америка
Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Македонија, без дополнителни билатерални услови.
„Северна Македонија останува важен безбедносен партнер на Европска Унија и САД и НАТО сојузник, обезбедувајќи ја Украина со хуманитарна помош и значителна воена опрема, гласајќи во корист на Советот за безбедност на Обединетите нации и резолуциите на Генералното собрание против руската агресија, усвојувјќи ги сите руски санкции од Европската Унија“, пишува во резолуцијата.
Во октомври минатата година, сенаторите Велч и Шахин ги посетија Македонија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, истакнувајќи ја поддршката на САД за европската интеграција на Западен Балкан и безбедноста во регионот, во услови на руска агресија против Украина.
„Пристапувањето на Република С.Македонија во Европската Унија ќе ја зајакне регионалната стабилност на Западен Балкан, ќе ја промовира европската кохезија и дополнително ќе го отфрли руското малигно влијание во регионот и пошироко.Натамошниот напредок на С. Македонија во процесот на пристапување означува важна пресвртница за земја која веќе направи значајни чекори на тој пат.
С.Македонија продолжува да демонстрира посветеност на демократските реформи, владеењето на правото и трансатлантското партнерство.
Уверен сум дека членството на Северна Македонија во ЕУ ќе донесе зголемени можности за бизнис и трговија, како и дополнителна координација меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на С. Македонија“, рече сенаторот Велч.






