Грција ќе биде директниот ривал на одбојкарската репрезентација на Македонија за пласман на Европското првенство 2026 во Романија и Бугарија, а во квалификациската група е и аутсајдерот Грузија.
Наместо со ждрепка, Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги формираше седумте групи со по три селекции врз основа на ранкингот, според кој Грција е 18., Македонија 21., а Грузија претпоследна меѓу 38 машки репрезентации.
„Црвено-жолтите“ ќе стартуваат на 17/18 август во Грузија, а на 24/25 август ќе ја пречекаат Грција. На 13 август 2025 година е гостувањето кај Грците, а квалификациите завршуваат со реваншот дома со Грузијците на 16/17 август.
Место на ЕП ќе има за победниците на седумте квалификациски групи, како и за петте второпласирани со најдобар скор.
Македонија, како соорганизатор на ланското 33. ЕП заедно со Италија, Бугарија и Израел, со победите над Данска од 3:1 и против Црна Гора од 3:0 избори осминафинале и на крајот заврши на 16. место, а Грција беше трета одзади меѓу 24 учесници на шампионатот.
Грција ќе им биде ривал и на најдобрите македонски одбојкарки во квалификациите за ЕП 2026 во Чешка, Шведска и Турција, а во групата е и Австрија.






