„Што може да се очекува од Артан-казиноманот, од луѓето, кои ја злоупотребуваат политиката, да си ги лекуваат своите детски комплекси, за да се тешат самите себеси, бидејќи никој не ги сака во политиката?! Но наближува 8 мај, а тогаш никој нема да го спаси Артан Груби! Нема да го спасат ниту парите од комарот! Бидејќи народот знае најдобро, тој не гласа за казиномани!“ – реагираше остро преку својот фејсбук-профил Изет Меџити, лидерот на опозициското Демократско движење, поради навредата, која му ја упати заменикот-премиерот Артан Груби.
Во својата информација со наслов „Изет Африканец’ – ниското рамниште на Артан Груби, кој ги навредува политичките ривали“ интернет-весникот на албански јазик „Инсајдери“ пишува: „Еден ден по одржувањето на конвенцијата за претставување на претседателскиот кандидат од ДУИ Бујар Османи заменикот-премиер Артан Груби во објава на фејсбук падна на ниско рамниште, навредувајќи ги на фејсбук политичките ривали. Тој го нарече Изет Меџити-‘Африканец’, искажувајќи се за неговиот изглед на навредлив начин. Груби употреби расистички речник, давајќи им прекари на неговите политички ривали.“
„Изет Меџити- ‘Африканецот’, Африм Гаши, кој не ни знае од кај е, Арбен Таравари-‘Туркменистанецот’. – вака реши да ги етикетира Груби опозициските противници.“





