Земјоделците бараат корекција на цените на тутунот за производството да не колабира

Монополска е и не е прифатлива понудата на откупувачите за договорите и цените за новото тутунопроизводство.  Нудат исти цени и затоа бараме медијаторство од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи во прашање е иднината на оваа стратешка култура. Ова го порачаа тутунарите од државава на трибината во Прилеп што се одржа синоќа, а ја организираше „Националната земјоделска мрежа“.



Сегашните цени кои ги нудат откупувачите се комплетно неприфатливи за нас и го водат тутунопроизводството во колапс. Ова е ставот на Националната земјоделска мрежа која одржа трибина со тутунопроизводители во Прилеп. Според нив тутунарите мора да ги потпишат новите договори до 31 март, затоа што после тоа нема да може да садат тутун. Според законот садење тутун без договор било кривично дело, затоа сега бил единствениот момент да се зголемат цените.

  • Ние ќе бараме начин преку формирање на парламентарна група во новиот состав на Парламентот да поднесеме измена на законското решение за тутун. Паралелно со тоа ќе поднесеме и претстравка до Уставен суд да се произнесе Уставен за уставноста на сегашниот закон кој според нас е дискриминирачки, не става во подредена положба. Ние немаме никакви права да се договараме со откупните фирми. Сме доведени во ситуација земи или остави“, кажа Ѓорши Каракашев, Национална земјоделска мрежа.

Годинава имало интерес за да се зголеми количеството за разлика од лани и токму затоа требало да се поддржат овие земјоделци, a со тоа ќе се стопирала и миграцијата. 

  • Посебно во руралните места каде што немаат други извори за приход и се ставени во една ситуација каде мора да произведат за да ја поминат годината. За да има континуитет оваа гранка, но и мора ние како држава и како земјоделски здруженија посебен напор да вложиме за да во тие места  останат луѓе, бидејќи сме сведоци на масовно иселување“, кажа Диме Димитриески, Национална земјоделска мрежа, Прилеп.

Според трошоците, за тутунарите реална е цената од 10 евра. Се очекува зголемен интерес за производство, но одбивањето на откупувачите да понудат повисоки цени ја става под прашање производната година. Инаку откупувачите годинава нудат цени од 365 па се до 375 денари за прва класа, за втора класа им биле понудени цени од 264 до 300 денари, а за трета од 198 до 245 денари. 

На 28 февруари и официјално заврши откупот на тутунот од ланската реколта, а родот беше преполовен. Откупени беа неполни 15 000 тони по просечна цена од 353 денари за килограм.