Професорката Гордана Силјановска Давкова на овие избори води две историски битки во трката за претседателка.
Едната е против фактор што досега Макеоднија немала жена претседател а втората е што досега никогаш во трката за шеф на државата не победил кандидат на опозицијата, забележува Ивица Боцевски за Скопско Ехо
,,Во случајов професорката не води само една, туку две битки против историјата. Првиот нејзин судир со историјата е да разбивањето на најлошата црта на македонска политичка култура. Досега во Македонија никогаш не победил кандидатот на опозицијата на било кои непосредни политички избори за шеф на државата во изминативе 30 години. Не само тоа туку и главните контроверзи околу интегритетот на демократските избори, па и некои од најлошите преломни моменти во најсовремената македонска историја, се поврзани токму со претседателските избори. Современата македонска историографија и политичка наука уште не ги разјаснија темните облаци над претседателските избори од 1994, 1999, 2004 и 2019 година.
Формулата за „успех” на претседателскиот кандидат на власта во овие циклуси одеше од злоупотреба на моќта, ресурсите, тајните служби, преку злоупотреба на маката на ранливите категории, манипулација со ромската заедница, а посебно грозни беа епизодите со подигрување со гласот на граѓаните од албанската заедница.
Причината зошто Македонија уште е оценета како „демократија со придавки”, а не како чист демократски систем најчесто произлегувала од чудните циклуси на претседателските избори. Тука професорката се бори во Македонија да се востоличи граѓанската политичка култура, односно партиципативната, за разлика од тешкото бреме на балканскиот парохијализам.
Втората борба на професорката е против родовите стереотипи, кажано со современиот политички речник, односно битката за правата на жената во Македонија. „Армираниот стаклениот таван” во македонската политика значи дека на хартија, според словото на уставот и законите жените се рамноправни со мажите, но во реалноста уште трае борбата за целосна еманципација на жената во Македонија. Овој „армиран стаклен таван” веќе го начнаа неколку храбри жени, но професорката се бори да го разбие во парам-парче и да даде поттик за секоја млада жена во Македонија да влезе во битка да се разбијат и другите пречки, па секоја професија да биде достапна, независно од полот”, пишува Боцевски според кого исходот од битките кои професорката Силјановска ги води против историјата на претседателските избори ќе даде одговор на прашањата дали чукнал часот Македонија да зачекори во граѓанска политичка култура, но и дали ќе прсне „армираниот стаклен таван” на родовата дискриминација во земјава.





