НМ: Македонката е неразделно поврзана со македонската борба за слобода и сопствена држава

„Меѓународниот ден на жената 8 Март е симбол на борбата за еднакви права на жената, но во Македонија оваа борба е неразделна од македонската борба за слобода и сопствена држава. Голем број жени учествуваа во македонското револуционерно движење. Тоа се хероини и македонски великани низ целата македонска историја.“ – се нагласува во анализата под наслов „Жената е неразделно поврзана со македонската слобода и државност“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, во анализата пишува: Меѓу првите жени што влегоа во Македонската револуционерна организација (МРО) беше Руша Делчева, сестрата на Гоце Делчев, како и Анастасија Узунова, мајка на македонскиот војвода Христо Узунов. Анастасија била главна организаторка на жените во Охрид и основачка на женски организациски групи. Учествувала во вооружувањето на првиот организациски одред во Охрид под војводството на Тале Горанов. Заедно со синот Христо присуствувала на заклетвата на одредот како претставничка на жените, што ги организирала.

Ваквата идеолошка нишка е очигледна и во текот на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна, кога голем број жени го положија живот во борбата против фашизмот, како што е Невена Георгиева-Дуња, првата жена партизан во македонските партизански одреди. Со Декларацијата за основните права на граѓанинот на Демократска федеративна Македонија (ДФМ) била озаконета и рамноправноста на жените во новата држава

Жените и народни херои и народни хероини!

По завршувањето на Балканските војни, како и Првата светска војна, Македонката и натаму играла значајна улога во македонското национално и ослободително движење, особено во текот на Втората светска војна. Македонките од сите слоеви на општество биле активни учесници и соработници во антифашистичката и борба. Меѓу првите стотина борци во антифашистичката борба биле и единаесет жени.

Меѓу нив била и Невена Георгиева-Дуња, македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни. На 16 години таа била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена-партизан во партизанските одреди на Македонија. Во воените единици некои од нив извршувале должности на политички комесари и членови на највисоките партиски и воени раководства.

На Првото заседание на АСНОМ меѓу 122 делегати имало и шест жени. Со Декларацијата за основните права на граѓанинот на ДФМ била озаконета и рамноправноста на жените во новата држава. Официјално признато учество во НОБ имаат 5.752 жени. Од нив околу 300 загинале. Десет биле прогласени како народни херои: Магдалена Антова, Вера Ацева, Невена Георгиева, Вера Јоциќ, Елпида Караманди, Фана Кочовска, Веселинка Малинска, Мара Нацева, Естреја Овадија и Ибе Паликуќа. Носителки на Партизанска споменица 1941 биле 141 жена.