Бугарскиот новинар Велизар Енчев, поранешен пратеник и ексамбасадор во Хрватска, жестоко реагира за „провокацијата“ од претседателот Стево Пендаровски со барањето македонското малцинство во Пиринска Македонија да биде впишано во Уставот на Бугарија.
„(Министерката за надворешни работи – н.з.) МАРИЈА ГАБРИЕЛ И (претседателот) РУМЕН РАДЕВ МОЛЧАТ И НЕ РЕАГИРААТ НА МОНСТРУОЗНАТА ПРОВОКАЦИЈА ОД СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ! ЗОШТО?
Македонскиот претседател Стево Пендаровски си дозволи вербален напад, кој е најголемата провокација кон Бугарија откако тој е шеф на државата. Неговите претензии за ‘македонско малцинство’ во Пиринскиот крај и неговото вклучување во нашиот устав е акт на војна, којшто не можеме да го одминеме со рамнодушност.
Вистина е дека антибугарската реторика на Пендаровски е во контекст на жестоката предизборна кампања во Северна Македонија, но тоа ниту ги оправдува ниту ги минимизира неговите зборови. Навистина, македонскиот парламент мора да гласа за уставни измени за вклучување на Бугарите во македонскиот устав, но тоа воопшто не бара реципроцитет од страна на Бугарија од четири основни причини:
Прво, според Уставот, Северна Македонија е мултинационална и двојазична држава. Второ, според Уставот, Бугарија е еднонационална држава, во која нема малцинства. Трето, вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав е императивно барање на Брисел до Скопје и неотповиклив услов за влез во Европската унија. Четврто, Северна Македонија е страма во Договорот за пријателство со Бугарија (2017), во кој е евидентирано и потпишано нејзиното откажување од малцинските претензии.
Еве како треба да реагираме во оваа ситуација:
Министерството за надворешни работи да го повика бугарскиот амбасадор во Софија ‘на консултации’. Тоа е првиот дипломатски демарш, по што следува вториот – министерот за надворешни работи Габриел веднаш да ја повика македонската амбасадорка во Софија во МНР за да ѝ врачи нота со референтните точки наведени погоре.
Бугарскиот претседател денеска треба да излезе со официјална изјава (писмена или усна) во која ќе му даде адекватен одговор на својот македонски колега, во кој нема да ги штеди историската и правната неиздржаност на претензиите за ‘македонско малцинство’ во Бугарија.
Немам илузии. Не верувам дека Марија Габриел и Румен Радев ќе го послушаат напишаното тука. И ова е најтажното нешто во оваа сага за уште една бугарска капитулација“, коментира Енчев на Фејсбук.






