Дали Ќоку ја згасна кариерата на Стево, повикувајќи ги Албанците „да не гласаат за ова имплицитно зло и албаномрзечки политичар“?!

„Стево Пендаровски е албаномрзечки политичар, неблагодарен и со презир кон Албанците, без чии гласови немаше да биде претседател во овој петгодишен мандат. Но, Албанците нема да се понижуваат повеќе самите себеси и не се повеќе присилени да гласаат за имплицитното, затскриено зло, како што е Стево Пендаровски, туку ќе можат да го дадат гласот за Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на албанската опозициска коалиција ‘Вреди’, кој има, исто така, многу добра можност да помине во вториот круг на изборите!“ – ова е објавата на фејсбук на Беким Ќоку, политичкиот советник за Македонија на косовскиот премиер Албин Курти и официјален претставник на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување) за Македонија. Ќоку е официјално дел од тимот на здружената албанска опозиција во улога на пренесувач на поддршката на Курти и на Ветвендосје за учеството на опозиционерите-Албанци на македонските парламентарни и претседателски избори. Фактички, овие ставови на Ќоку се директен повик до Албанците во Македонија да не гласаат за Стево Пендаровски, а бездруго и за ниту еден друг Македонец, или Македонка-претседателски кандидат. Во оваа смисла веќе се создава голема дилема: дали отворениот напад на Ќоку против Пендаровски е предвремено „запечатување“ и гаснење на на неговата натамошна кариера како претседател на државата, како и на амбициите за втор мандат уште и пред да започнат изборите?! Многу е голема веројатноста дека Пендаровски нема да може да смета повеќе на гласовите на Албанците од Македонија, кај кои Албин Курти има свое одредено влијание, покрај тоа што е ова реално мешање во внатрешните работи на Македонија!



Еве ја интегралната верзија на објавата на Беким Ќоку на општествената мрежа: Влегов во фејсбук-профилот на Стево Пендаровски и погледот ми се задржа на неговите 15 последни објави. Во ниедна од нив го немаше употребено јазикот, што го говорат 20-те проценти од населението на земјата. Сите објави на Пендаровски му беа на македонски јазик, единствениот службен јазик.

Пендаровски немаше да го извршува овој мандат без гласовите на Албанците. Ќе немаше никаква можност. Но зошто сиов овој презир кон сограѓаните-Албанци од претседател, кој треба да биде претседател на сите граѓани? Зошто оваа неблагодарност кон повеќе од 30 проценти од населението на државата, благодарение на чии гласови тој  ја извршуваше функцијата шеф на државата пет години?

Дали треба да бидат задоволни Албанците со еден претседател, за кој велат дека не направил ништо добро за нив, но не направил добро? Дали е ова критериумот на вториот мнозински народ за еден државен лидер? До кога Албанците ќе се понижуваат самите со ваков вид политики и со вакви албаномрзечки политичари? Зашто, случаите на албаноомраза се појавува не само во отворена форма од Левица, или ВМРО ДПМНЕ, туку во имплицитна, затскриена форма и кај Пендаровски.

Пендаровски нема да го почитува никогаш албанскиот јазик, се додека народот што го говори тој јазик нема да има самиот почит за својот јазик. Пендаровски мисли дека тие ќе гласаат за него, ако мине во вториот круг на претседателските избори. Но сега можеме да кажеме дека не сме имале никогаш подобра можност еден албански кандидат да помине исто така во вториот круг.

Повеќе не сме присилени да го дадеме гласот за имплицитното, затскриено зло како во случајот на Стево Пендаровски, туку ќе можеме да го дадеме гласот за Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“.