Македонско друштво „Илинден“ од Тирана и неговиот огранок од Голо Брдо најостро ја осудија изјавата на заменик-директорот на Комитет за малцинства на Албанија, Кристо Гоци, по националност Влав, кој при набројувањето на малцинствата на својот профил на „Фејсбук“ за Република Македонија го употреби акронимот ФИРОМ.
„Македонското национално малцинство во Република Албанија е признато како македонско, со свој мајчин македонски јазик. Сметаме дека напишаното од страна на Гоци е крајно недолично и неодговорно и претставува груба навреда на достоинството на Македонците“, реагираа од друштвото „Илинден“, барајќи извинување од државниот функционер од влашкото малцинство.
Гоци, кој е и портпарол на албанската државна телевизија РТВШ, на својата страница на „Фејсбук“ информира дека, според новиот Закон за малцинства, се подготвува формирање Дирекција со посебни редакции на сите признати малцинства. Тие уште од крајот на септември минатата година имаат програма на својот јазик на вториот канал на државната телевизија на Албанија.
Претседателот на „Илинден“, Никола Ѓурѓај, влезе и во полемика со Гоци на неговиот профил на „Фејсбук“, бранејќи го правото на Македонците во Албанија на самоопределување, вклучувајќи го и именувањето на својата татковина според нејзиното уставно име. Тој му даде на знаење на вториот човек во Комитетот за малцинства дека фиромизирањето претставува навреда за Македонците не само од Албанија.





