Андреас Трајковски 12. во скок во далечина на СП во сала во Глазгов

Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски го освои 12. место во скок во далечина на Светското првенство во сала што се одржува од 1 до 3 март во Глазгов.



Единствениот претставник на Македонија на мундијалот својот најдолг скок од 7,73 метри го оствари во втората серија, 6 сантиметри покус од неговиот и македонски рекорд во сала што го постави на Балканијадата во Истанбул минатиот месец. Во првата серија тој прескокна 7,55 м, а во третата 7,51 м.

Седум сантиметри го делеа од осмото место на Швеѓанецот Монтлер, кое ќе му донесеше настап во финалето и уште три обиди. Деветтопласираниот Кинез Ванг, пак, имаше подобар скок од само еден сантиметар од Трајковски.

Четири атлетичари останаа зад 30-годишникот роден во Копенхаген, чиј татко Христијан Трајковски бил дански шампион на 100 и 200 м.

Андреас се натпреварува под знамето на Македонија од 8 февруари 2022 година и е сопственик и на државниот рекорд во скок во далечина на отворено од 7,91 м остварен минатата година. Следни предизвици за него се Европското првенство во Рим и Олимписките игри во Париз.

Светското злато во Глазгов го одбрани Гркот Тентоглу со 8,22 м, сребрениот медал го освои Италијанецот Фурлани со ист резултат, но послаба серија скокови, а бронзата му припадна на Јамајчанецот Мекледо со 8,21 м.