Премиерот Талат Џафери вели дека „кога Албанците се соочуваат со тешкотии во регионот за нив се грижи Тирана“, која тој ја означува како „големиот брат’ на сите Албанци, без разлика на кои територии живеат“. Коментирајќи го однесувањето на премиерот на Косово Албин Курти, кој се мешаше во внатрешните политички работи на Албанија, а сега и на * Македонија, Џафери во интервјуто во емисијата „Вистинска приказна“ („Real Story“) на АБЦ Њуз од Албанија вели дека „сите Албанци спасот треба да го бараат во официјална Тирана, а не да се вклучуваат во овие шеми на поделби“. Овие ставови на „помалиот брат“-техничкиот премиер Талат Џафери ги пренесе весникот на албански јазик „Лајм“ од Скопје.
„Лајм“ ги пренесува и другите ставови на Талат Џафери, искажани во овој контекст, како негова своевидна порака, испратена од Албанија: „Исто така, и уставот на Албанија ја пропишува грижата за статусот и состојбата на Албанците каде и да се. Институциите на Албанија треба да бидат носители на координирањето на политичките чинители во регионот и пошироко.“
„Кога постариот брат е определен да раководи, тогаш другите браќа треба да го слушаат барем онолку колку што е во право. Кога се наоѓаме во тесно, за да излеземе од таа ситуација сите му се обраќаме на поголемиот брат. Но, имаме и индивидуално патување сите ние, кои се наоѓаме во односните земји, бидејќи функционираме врз основа на правилата и законите таму каде што се наоѓаме.“ – посочува Џафери.
АБЦ Њуз: Значи, вие велите дека Тирана е големиот брат?
Џафери: „Според логиката, не само што велам, туку и тоа е.“





