Граѓаните ќе почекаат за пониски сметки за парно

Домаќинствата ќе почекаат за поевтино парно. Регулаторната комисија за енергетика ја намали цената на парното греење за 35 проценти, ама само за сите деловни корисници во град Скопје, за училиштата, деловните корисници, јавните институции.
Ова, како што денеска информираше на прес-конференција претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, се должи на намалувањето на цената на природниот гас на берзите.
Со новата одлука, пониски сметки за парно ќе добиваат околу 1.200 потрошувачи.
„Вонредната одлука доаѓа по сеопфатна длабинска вкрстена анализа на актуелните цени на берза и прогнозираните цени на приодниот гас. Резултатите покажаа дека во изминатиот период цената на природниот гас на берзата е пониска од предвидената со што се исполнуваат условите да се донесе поволна одлука за категоријата останати корисници, кои пак во турбулентниот период на енергетската криза го преземаа товарот и добиваа реални сметки. За разлика од домаќинствата, кои во цел овој изминат период на енергетска криза добиваа сметки со субвенции“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.