„Со шатори ќе ги блокираме работниците на ‘Бехтел и Енка’“: Жителите на гостиварско Бањица револтирани

Жителите на гостиварското село Бањица не ги даваат нивите за новиот автопат. Велат дека ќе постават шатори на нивите и таму ќе спијат со намера да ги блокираат работниците на „Бехтел и Енка“ на автопатите на Коридорот 8. Како што објави ВечерПресс, тие се револтирани од цената за експропријација на земјиштето што им ја понуди државата и бараат повторна средба во Владата откако пред еден месец го изнесоа предлогот за локација за камп за работниците кои ќе бидат ангажирани на изградба на автопатот. Се договориле да се видат повторно на разговор, но велат од тогаш немаат никаков абер и затоа се чувствуваат изиграно.



– Нивите се нашата егзистенција, не ги даваме по никоја цена – велат тие.

Во Горна и Долна Бањица се произведува висококвалитетниот и наделеку познат црвен благ кромид, како и бањичкиот домат (јабучар). Производите ги продаваат на локални пазари, бидејќи нема кој да им ги откупи на големо. Велат дека порано кромидот и јабучарот го саделе на големи површини затоа што им го откупувала ЈНА, а сега поради трендовите на иселување дел од површините и не се обработуваат.

Тие се незадоволни и од сумата за експропријација од 650 денари за метар квадратен земјиште која според нив е премала. Реагираа и оти никој од надлежните институции не ги информирал дека е предвидено да се врши експропријација на нивните ниви, туку одеднаш почнале да добиваат покани да си подигнуваат решенија за трајно одземање на земјиштето.

– Во Владата се видовме со вицепремиерот Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за патишта Рустем Ејупи. Го кажавме нашиот алтернативен предлог тие бараки-камп за екипите што работа на коридорот да се градат кај старите касарни, наместо на нашите ниви. Таму има површина од околу 330.000 квадратни метри. Рекоа дека ќе го земат тоа предвид. Побараа да дадеме време од десетина дена за нашиот предлог, потоа се формираше техничка Влада, но поминаа месец дена, не сакаат да имаат средба. Фактички нè лажат – истакна претседателот на МЗ Долна Бањица, Насир Асипи на вчерашниот протест.

Лани, на 12 септември во атарот на Горна Бањица беше означен почетокот на градежните работи на автопатот Гостивар – Букојчани, кој е дел од Коридорот 8. По церемонијалното минирање кое произведе чад во црвена и жолта боја, и пораките за развојот што ќе го донесе големиот инфраструктурен проект, за локалните жители на двете села побрзо стигнаа грижите.

Според надлежните, промена во планот може ја пролонгира работата на делницата.

– Каде ќе биде лоциран кампот и каде ќе поминува трасата, тоа се определува според урбанистичкиот проект. Врз основа на урбанистичкиот проект кој е одобрен од страна на Владата, ние ги изготвуваме геодетските елаборати, а врз основа на тие геодетски елаборати потоа се врши експропријација. Секое враќање назад значи пролонгирање на работата за шест месеци или една година – деновиве истакна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми за една телевизија.

Жителите на Горна и Долна Бањица имаат поддршка и од селата Здуње и Дебреше, кои исто така не биле задоволни од експропријацијата.