„Трескањето на Ковачевски на говорница во Бутел, стопати извикувајќи ‘победа’, предизвика смеење, но и кај загриженост кај дел од јавноста. Дајте некој нека му ја соопшти на Таче непријатната вест дека нема да има победа за нив. Ниту на претседателските ниту на парламентарните избори. Ама кажете му полека, постапно, со прости зборови, за да не одлепи докрај! Варвариве од СДС/ДУИ, кои направија пустош од државата и нѐ избришаа како Македонци, таа чума ќе помине на 8 мај. Но, тие мораат да бидат казнети за сите дела против државата и против македонскиот народ. За поука на секој нареден варвар.“ – нагласува проф.д-р Солза Грчева и претседателка на вонпарламентарната партија „Глас за Македонија“ во својата колумна со наслов „Пустошот што го оставаат ордите на СДС/ДУИ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Грчева пишува: СДС не само што ќе ги изгуби изборите, туку ќе се изгуби и од политичката сцена. Ќе стане некоја маргинална партија, која повеќето ќе ја презираат поради пустошот, што го остава зад себе. Пустош каков што оставаат зад себе варварски орди, што немаат поим за цивилизација, за уредување држава, за достоинство и сплотеност за остварување на сопствените, а не на туѓите цели. Атила да дојдеше лично, ќе имаше повеќе усул. Дури и нивната сдсовска војска крева бело знаме и прашува: „Аман, кога ќе си одат?“. Им изразувам длабоко сочувство на последните Мохиканци, кои уште веруваат уште, или мораат да веруваат, дека имаат партија. Не, одамна ја немаат.
Овие македонски изроди, овие велепредавници, овие неуки политичари и дипломати, собрани од планини и полиња, се дрзнаа да потпишуваат договори за поништување на сѐ што е наше, македонско. Нѐ направија „северномакедонци“, како што веќе нѐ нарекува половина свет. Во личните документи сме граѓани наместо Македонци. Дури и кога бевме ФИРОМ, во документите стоеше државјанство/националност: македонско/macedonian. Каде, во која земја на светот постои ова чудо?
Само во умот на „речитиот“ муртинец, кој за сопствена корист нѐ продаде топтан: името на државата, идентитетот, историјата, придавката „македонски“, нашите малцинства, нашето достоинство, трудот на сите претходници, кои се бореа колку е можно повеќе земји да нѐ признаат под уставното име и успеваа. Полека, но сигурно. Се појави „нобеловецот“ црпнат од нива и направи пепел од државата. Го поддржуваа разни платеници, кариеристи, „современи“ луѓе за разлика од нас заостанатите. А всушност обични довчерашни опинчари, кои може секој да ги купи со еден француски парфем. Со еден збор, глупаци што поверуваа во приказните на либералниот глобализам, каде што сите ќе бидеме граѓани. Пази да не. Нека видат што пишува во пасошите на сите европски држави. Има некаде „граѓани“?
Од овој грев не смее да се амнестираат не само потписниците, туку и поддржувачите на тајфата од глисерот, дури и да достават лекарско уверение за психичка нестабилност, или низок количник на интелигенција. Но, не вреди да се плаче, туку да се поправа што може. А може и мора. СДС/ДУИ (ги гледам како една партија) не се сопреа по ова зло. Продолжија со приказната, поточно уцените што доаѓаат од Бугарија. Дрско го лажат народот дека се работело само за „техничко“ прашање на вметнување неколкумина Бугари во нашиот устав. Тоа е спорно кога станува збор за земја, што не признава македонски идентитет, јазик, историја, малцинства.
Но, еве, нека ги стават Македонците во Бугарија во нивниот устав, па и ние да направиме гест. Ама, проблемот е друг. Со промената во нашиот устав се отвора срамната преговарачка рамка, со уште посрамните протоколи (извештаи). Е, дури таму нашата судбина како Македонци ќе се запечати. Убаво, „со наша дозвола“ и „по наше барање“, како што пишува во повеќе документи на ЕУ, ние треба како попчиња да си признаеме дека сме биле Бугари до 1945 година, а потоа насилно „македонизирани“ од „диктаторот“ Тито. Ќе си признаеме дека зборуваме на дијалект од бугарскиот јазик и ќе им дозволиме на Бугарите да си пишуваат наша историја, во која тие не ја окупирале како фашистички колаборатори Македонија, туку ја „администрирале“ и ја ослободиле од Србите.
Ќе им ги дадеме сите наши безбедносни материјали на увид. Тие да лустрираат наши луѓе, а можеби и да ги судат. Ако ова не е окупација, не знам што е. Големиот дипломат Османи со неподнослива леснотија ги распродава Македонците. Со дозвола на Таче и зомбираните им пратеници. Дли Османи ќе смееше да мрдне со мал прст, ако беа Албанците во таа позиција? Ахмети немаше да му дозволи, да не зборувам за Курти, кој веќе станува актер на нашава политичка сцена. Не верувам ни дека Македонците ќе дозволеа уривање на идентитетот на соседите.
Е, токму на оваа бугарска карта скокна и членството на СДС, наеднаш се расони, ги истри очите, скокна како лав и навлече „патриотско“ руво. Значи и тие, како и ние, со задршка долга колку разликата во интелектот, станаа „заостанати националисти“, кои ја одвлекуваат државата од ЕУ. За среќа, има кој да ги спаси од нив самите. Ние, одамна етикетираните „националисти“, кои сме ги влечеле надолу. Дали не гледаа со години како токму нивните ја уриваат целата држава, заедно со Македонците и сите други? Очекуваа нивните измеќарчиња со лепливи прсти да ги одведат во ЕУ? Многу наивно за самопрогласената елита.
И нема да зборувам за разни мегаскандали, како договорот со „Бехтел и Енка“, најново со „Мителинеос“, кој ќе ја колабира финансиски државата, за Онкологија, за изгорената болница со луѓето внатре, за наркокартелите, за издадените пасоши на меѓународни криминалци, за маките на луѓето по шалтерите да се доберат до лични документи, имајќи важечки. За неспособноста да се организира една ваква проста, макар непотребна операција. Само се плашам дека нашето иселеништво ќе остане надвор од системот за гласање. Намерно стокмено од варварите.
Откако нѐ пребришаа како Македонци, алчниот СДС дозволи целосна албанизација на државата, само да се одржи на власт. Каде се видело ДУИ, партија со само 11 пратеници да има дури 8 министри, да има премиер, вицепремиер, да бара претседател, што ќе се избира во Собранието. Па ако тоа не помине, да се воведе функцијата заменик-претседател Албанец. И сето ова го прават за да му кажат на нивното гласачко тело дека се избориле за правата на Албанците. А оној Албанец на пазарот Буњаковец, кој продава од утро до вечер и се мачи, не мисли воопшто да гласа за нив. Од јасни, просто човечки причини.
Најсмешно е што ДУИ се заканува дека немало да коалицира со победничката партија, ако не му се вети глупоста со изборот на претседател, но и гласањето на уставните измени. Ахмети, дали сте свесен дека ДУИ никој веќе не го сака во влада? Освен губитникот СДС, кого го крепат со години да не падне како подгреан труп на мртовец. СДС, кој продаде сѐ македонско за да се задржи на власт. СДС, партија на неспособни, неработливи, арогантни без подлога, кои не општат со народот освен пред избори, партија на екстремно корумпирани луѓе, кои заедно со ДУИ направија пустош. Ама биле за Европа. Како доказ Османи во ООН ја отпеа познатата песничка „уставни измени за ЕУ“, или Русија ќе нѐ нападне.
На ваквите големи „Европејци“ од полињата и планините местото им е право во Европскиот парламент, бидејќи овде немаат веќе. Тоа се обидуваат. Измислија партии на Цици Маци, кои не можат ниту сообраќај во градов да средат, направија пуч во Алијанса (која не смееше да влезе во ваква влада), сакаа дури и Груевски да го донесат, за да ја расцепат опозицијата. Ништо не им поминува. Ниту да одат на обуки кај Итар Пејо.
Помина времето кога ДУИ уценуваше со милоста кај „странскиот“ фактор. Сега, како ученици пред истерување, ги викаат по амбасади на отчет за корупцијата, токму во нивните редови. Дали не се свесни дека испушија, заедно со балансерот, кој ќе лета при првиот нормален попис? А да не зборувам што ќе се случи кога ќе замине во историјата нивното правосудство. На Али треба некој да му го соопшти ова. Уште пополека и понежно. Со одбрани зборови. Во секој случај, оваа чума ќе помине на 8 мај. Но, поради пустошот, што го оставија зад себе нашиве Хуни, ќе мора да се работи деноноќно, со многу ум и храброст. Најважно, варвариве мораат да бидат казнети за сите дела против државата и против македонскиот народ. За поука на секој нареден варвар.





