До крајот на неделава, односно од 1 март се очекува пратениците да го донесат долго очекуваниот Закон за забрана на нефер трговски практики. Надлежните веќе истакнаа дека со неговото стапување во сила, ќе престане важноста на владината мерка во трговијата за гарантирани цени на прехранбените производи. Властите уверуваат дека трговците нема да имаат можност веднаш да ги зголемат цените и на некој начин да си ги повратат планираните приходи кои ги загубија во месеците додека траеше засега актуелната мерка за замрзнати цени на дел од прехранбените производи. Економистите сметаат дека гарантираните цени не ги дадоа во целост посакуваните резултати.

Па така, ако близу 50 основни производи ќе имаат ограничени цени и во март, ќе одговори владата деновиве. Ограничените цени за дел од производите важат до крајот на месецов, а Министерството за економија прави анализа колку тоа ќе биде потребно со оглед дека Собранието треба да го донесе Законот за нефер трговски практики кој се прикажува како брана за еуфорично зголемување на цените на производите опфатени со мерката.
Експертите од институтот за економски анализи и политики Фајнанс Тинк подготвија студија во која се анализираат мерките на владата во последниве неколку години. Еден дел од истражувањето е токму и за влијанието на владините мерки за намалување на инфлацијата. Тие се на став дека целокупно мерките спасиле значаен дел од доходот на домаќинствата, посебно на посиромашните домаќинства и посебно мерките од последниот пакет кои се во сила во текот на оваа 2024 година.

Гледано како удел во вкупниот доход, најголемо позитивно влијание овие мерки извршиле кај најсиромашните домаќинства. Но, проблематично за економистите е тоа што значаен дел од мерките беа нетаргетирани, и тоа најмногу важи за мерките кои се однесуваа на цените, како замрзнати цени или профитни маржи, намалување на стапката на ДДВ, субвенционирање на цената на струјата и парното греење и слично.
- „Неопходно е да се размислува за замена на нетаргетирана мерка за замрзнати цени на основните прехранбени производи со друг контингент мерки, зависно проблемите што евентуално се присутни на терен. Ако постои нефер договарање за цените на прехранбените производи, во услови кога растот на цените на инпутите во производиот процес или на цените од увоз е значајно намален, а кај некои производи дури и негативен, тогаш треба да се впрегнат механизмите на антимонополското законодавство, вклучително и со законско проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата.“ велат од Фајнанс Тинк.

Бизнисмените сметаат дека со државна интервенција во пазарна економија не можат да се постигнат големи ефекти, но затоа пак мерките на владата придонесоа да се зголеми сивата економија. Тие предупредуваат дека со намалување на цената на производите се намалува и квалитетот бидејќи бизнисите се обидуваат да ги намалат загубите.
Дел од бизнисмените дури сметаат дека за одредени производи воопшто не е потребна интервенција на државата бидејќи нив ги регулира конкуренцијата. Па така се случува тие и покрај цената која е замрзната на одредено ниво сега да се продаваат далеку под таа цена. Таква е состојбата со брашното коешто има далеку пониска цена од онаа на која се замрзна во септември кој требаше да се намали за 10% во однос на 1 август 2023 година.





