Текстилната индустрија „дише на шкрги“, ќе останеме ли без домашно производство?!

Текстилната индустрија на стаклени нозе. Намалено производство, затворање на текстилни компании, недостиг на работна сила, застарена технологија, од следниот месец зголемен минимален доход и возрасни работнички. На кусо ваква е состојбата во текстилството во последниот период. Лани клуч на врата ставиле најмалку четири текстилни компании на истокот од државата, од почетокот на годината други две конфекции ги затвориле своите погони, а уште најмалку четири кубурат со работа и тој тренд ќе продолжи и понатаму, вели Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи.



  • Голем број компании си заминаа од кај нас. Помалите компании одвај живуркаат. Имаат проблеми, посебно оние во Македонска Каменица, Штип. Не знаат како ќе продолжат. Се надеват дека ќе најдат нови купци, ама тоа е многу тешко. Странците се свесни дека ние немаме млада работна сила и затоа на долг рок, губат интерес за работа во Македонија, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Дека текстилната индустрија е пред тежок предизвик, алармира и Гласен Текстилец од Штип. Од една страна, велат, се соочуваат со намалени нарачки од странските партнери, а од друга, со отпуштање на работници. Дваесетина текстилни работнички до „Гласен текстилец“ се пожалиле дека поради намалување на обемот на работа, нема да им бидат продолжени договорите, а други пак, се приморани да потпишат трансформација од неопределоно на определено работно време. 

  • Се надевам дека работниците ќе бидат внимателни при било какви трансформации. Бидејќи, ако има намален обем на работа, повторно морам да потенцирам дека во Законот за работни односи децидно стои дека доколку фирмата, работодавачот, се соочува со сериозни потешкотии во работењето и треба да го намали бројот на вработени, тоа се прави со соодветна консултација со преставници од синдикатите,  меѓутоа и дека треба да им исплати испратнини согласно стажот на работниците во тие фирми, изјави Кристина Ампева, „Гласен текстилец“ од Штип.

Најповеќе се засегнати помалите конфекции во источниот регион. Европските партнери си заминуваат во земји од далечниот исток, каде има доволно млада работна рака.