Се нижат скандали во време на предизборие. Државната компанија ЕСМ набави 82 возила за околу 2,5 милиони евра. Податоците од платформата за јавни набавки покажува дека за службени цели ЕСМ се поднови со нови возила од марките дачија и пежо кои од компанијата велат дека им се неохопдни за работа. Во огласот кој е отворен за јавноста може да се забележи дека возилата како дополнителна опрема треба да имаат сензори за паркирање и дожд, камера за паркирање, погон на сите четири тркала, лед светла, систем за контрола на мртов агол.

Оваа набавка на нови патнички возила доаѓа во време кога и натаму државната фирма под наем зема механизација за работа во Рударскиот комбинат. Ова се случува во време кога државните електрани заклучно со третиот квартал лани се во загуба од над 6 милиони евра, а имаат и долгови и кон домашни и странски фирми. Дека компанијата има доспеани, а неплатени обврски пишува и во последниот извештај на финансии.
Од документот пак до кој дојде КОД може да се види дека за враќање на долговите фирмата пари обезбедува и од ЕБОР. За потребата известен бил и Управниот одбор на ЕСМ. Може да се види дека со исплатата на обврските кон одредени добавувачи, компанијата доцни повеќе од 90 дена. Дека ЕСМ се соочува со криза може да се види од овој документ. Во него пишува дека секторот за финансии дава одредени препораки што треба да се преземе за да може ЕСМ полесно да ја надмине кризата со ликвидноста во која се наоѓа.





