Иванов и опозицијата немаат абер што договорил Заев во Давос?!

Изненадување е заедничкиот именител на реакциите на претседателот Ѓорге Иванов и на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ по барањето од грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас до македонскиот премиер Зоран Заев да ѝ открие на јавноста што договориле во Давос со грчкиот колега Алексис Ципрас.



Од Кабинетот на претседателот известуваат дека тој не е информиран за каков било договор на маргините од Светски економски форум, на кој се темелат изјавите на Коѕијас, а на чија прозивка и излезе шефот на македонската Влада со изјавата за прифатливост на географската одредница.

„На информативната средба одржана во Клубот на пратеници на 27 јануари 2018 година присутните беа информирани за предложените идеи на медијаторот Метју Нимиц во рамките на процесот што се води под покровителство на Обединети нации. При информирањето за исходот од средбата во Давос не се спомена каков било постигнат договор или, пак, спогодба за којашто сега јавноста ја информираат грчки претставници. Македонскиот претседател останува на јавниот став искажан по таа средба, а во очекување Владата да ги информира граѓаните на Република Македонија за преземените активности на владините претставници во врска со ова прашање“, посочуваат од Кабинетот на Иванов.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, уште подиректно укажаа дека Заев солира без да ги информира.

„Премиерот Зоран Заев вчера кажа дека била прифатлива географска одредница, но не кажа во чие име говори и која е таа одредница што за него е прифатлива. Не кажа ниту кој би бил опсегот на употреба, а премолчи и околу тоа дали станува збор само за географска одредница која би била за меѓународна употреба или тоа значи промена и на Уставот, односно на уставното име, на националноста и на јазикот. Исто така, остана неодговорено и прашањето дали оваа географска одредница би имала англиска транскрипција или не. Во вакви околности, кога се кријат останатите детали, крајно несериозно и многу опасно е јавното лицитирање со одредниците кои се прифатливи. Настапот на премиерот Заев може да има сериозни последици по целиот процес и драматично да ги наруши македонските преговарачки позиции“, сметаат од партијата што како предводник на коалицијата „За подобра Македонија“ освои најмногу пратенички мандати на парламентарнитре избори во декември 2016 година.

„Граѓаните се интересираат и имаат право да знаат дали освен подготвеноста на Заев за географска одредница, тој е подготвен и на отстапки во однос на идентитетските одредници, како што се јазикот, нацијата и меѓународните кодови. Премиерот Заев беше повикан од грчкиот министер за надворешни работи да ја информира македонската јавност во врска со договорот што го постигнале со премиерот Алексис Ципрас во Давос. Македонската јавност очекува да слушне што точно прифатил Заев на средбата во Давос. Доколку не бил постигнат договор во Давос, информациите кои се лиферуваат од грчка страна треба да бидат демантирани, за да не се вознемируваат граѓаните“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.