„Ми недостасува храброста на народот, за да го крене гласот против разнебитувањето на државата. Во Македонија се случуваат толку беззаконија, што би требало да предизвикаат лавина од неговување кај народот. Но, кај нас сенешто поминува со реакции од три дена. Тоа е погубно за една нација.“ – вели историчарката д-р Катерина Тодоровска во интервјуто за весникот „Скопско ехо“ во одговорот на прашањето што ѝ недостасува.
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво ви се појавуваат?
– Прва мисла ми е прашањето „Како дозволивме државава да нѝ се распаѓа пред очи?“. Одговорот го знам, но прашањето не ми дава мир. Додека професионалците настојуваа да се остручат до совршенство, некадарните владееја. Резултатот го гледаме. Првата слика ми е изгрејсонцето на Скопска Црна Гора како знак и зрак за некој нов предизвик, кој треба да го реализираме.
Кои се најкрупните грешки, што се направија во Македонија во последните 30 години?
Со преселбата на Државниот архив од неговата наменска зграда во зградата покрај Вардар Груевски направи злостор врз македонската држава, бидејќи без документација нема нација. Кога документите од животна важност за една држава ќе се преселат во близина на воден извор, како Вардар, може да се очекува уништување на документацијата.
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали власта доволно ѝ дава на државата?
– Во минативе 30-тина години власта се научи да ѝ зема на државата. Тоа што граѓаните го внесуваат, власта го изнесува. Власта ѝ даде на државата само понижувачко омаловажување.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
– Со богатствата кои нѝ ги дала природата. На пример Прилеп има мермер кој е најбаран во светот. Секој град во нормална држава би живеел во благосостојба со такво богатство, а Прилеп го коси бела смрт. Се гордеам што го имаме најубавото во светот со име мермер, ама мојата гордост за градот е горчина. Зошто? Затоа што наместо да го валоризираме она со што се гордееме, власта безмилосно го фрла во рацете на „странски инвеститори“ за некакви провизии за своите џепови. Не е само мермерот.
Во каква Македонија сакате да живеете?
– Во нормална држава, во која секој од нас, пред сѐ, ќе има обврски, а потоа привилегии. Ова особено се однесува на секој оној кој е избран од народот за да извршува обврски во интерес на оние, кои му ја довериле довербата. Ако некој не ги исполнува очекувањата на гласачот, да биде сменет и пред истекот на времетраењето на неговиот мандат, за да не им нанесува дополнителна штета.





