Се заканува ли Ахмети со нов судир, ако „внатрешните руски експоненти“ продолжат со “НЕ“ на „Бугари во устав“?!

„Русија се обидува да ги прошири канџите на своето конфликтно влијание во нашата земја и на целиот Западен Балкан, попречувајќи го нашиот пат на европското интегрирање и поттикнувајќи омраза и меѓуетничка поделба преку внатрешни и надворешни експоненти. Затоа да бидеме против оваа опасност, да ги засилиме нашите сојузи на пријателства меѓу себе и со нашите сојузници во Европа и САД, за да не дозволиме дезориентираност и дестабилизација на земјата!“напиша лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот фејсбук-профил, исфрлајќи ја уште еднаш својата омилена предизборна пропагандна парола: „НЕ на Русија, ДА за Европа!“ Споменувајќи некакво „руско конфликтно влијание во нашата земја“, им се заканува ли Ахмети на сите оние, што го „попречуваат нашиот пат на европското интегрирање“, а тоа е мнозинството на македонската нација, дека ќе избувне повторно „конфликт“ во Македонија, ако продолжат да се спротивставуваат на „евробугаризирањето“ на „нашата земја“?!



Со својата објава лидерот на „интегративците“ Ахмети отвори и неколку други дилеми: за каква дестабилизација говори тој и кој има во Македонија таква цел пред себе? Кој, или кои, поттикнува / поттикнуваат омраза и меѓуетничка поделба? Кој е „внатрешниот експонент на Русија“, што ја „дезориентира“ Македонија? Поправо, сака ли Ахмети да посочи кон оние, што се спротивставуваат на внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, а тоа е мнозинството на македонската нација, дека се токму тие, според него, оние, кои ја „дезориентираат нашата земја“ и кои го „попречуваат нашиот пат на европското интегрирање“?!