Андреас Трајковски ќе ја претставува Македонија на претстојното Светско атлетско првенство во сала што ќе се одржи од 1 до 3 март во Глазгов, каде што ќе се натпреварува во скок во далечина, дисциплина во која е македонски рекордер со прескокнати 7,91 метри минатата година.
„Со задоволство објавувам дека официјално бев избран да ја претставувам Македонија во скок во далечина на Светското првенство во атлетика во сала, кое од 1 до 3 март ќе се одржи во Глазгов!“, објави тој на Фејсбук.
Трајковски, роден пред 30 години во Копенхаген, чиј татко е Македонецот Христијан, од 8 февруари 2020 година ги брани боите на Македонија, а претходно на Данска, каде што беше државен првак на 100 м и на 200 м, а ја освои и титулата во штафетата 4х100 м на Европското екипно првенство со дански државен рекорд.






