Македонската активистка од Франција, Сузана Сурловски-Георгиевска, во разговор за expres.mk ја опишува голготата на нејзината 82-годишна мајка, која слетала во Скопје со пасош со „Република Македонија“ на 9 февруари, за десет дена подоцна да не ја пуштат да се врати назад со патната исправа со рок до септември 2030 година.
„Извадивме повратни авионски билети со мајка ми и со ќерка ми и пристигнавме во Скопје на 9 февруари, за десет дена подоцна на скопскиот аеродром да се соочиме со ‘придобивките’ од Преспанскиот договор. Мене и ќерката нè пуштија со француските пасоши, а на мајка ми не ѝ дозволија излез од државата со македонскиот пасош со РМ изваден во септември 2020 година. Таа живее со нас во Париз веќе речиси 20 години со француска дозвола за престој, тука добива пензија, се лекува… Сето тоа им го предочив на аеродром, ги прашував кому сега да оставам стара жена, но залудно, само слегнуваа со рамената. Ние моравме да се вратиме во Париз, а мајка ми остана да вади нов пасош со ‘Северна’“, ни раскажа претседателката на Асоцијацијата „Блаже Конески“ од Париз, добитничка на Повелба на Република Македонија во 2015 година од тогашниот македонски претседател Ѓорге Иванов.
„Среќа што имаме пријатели да се грижат за неа, а што да прават тие што немаат кому да остават човек од 82 години? Замислете колку има како мајка ми, кои се само со карта за престој, но живеат со своите деца во странство. Разбирам да е документот истечен, но вака, да не им дозволиш на луѓето да излезат од државата, тоа е страшно“, не може да се изначуди една од многуте Македонки од дијаспората со заслуги за промоцијата на татковината, во која доживеа голема непријатност при последната посета.






