Премолчувајќи го издавањето документи со „Република Македонија“ повеќе од две години по потпишувањето на Преспанскиот договор, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја обвини опозицијата за хаосот со промената на пасошите, личните карти, возачките дозволи и сообраќајните книшки за нови со „Северна“.
„На свој ризик не ги информирав државите дека стапува на сила Законот за лични документи, за да се овозможи тампон-период во кој граѓаните на Северна Македонија со стари пасоши ќе можат да се движат. Нашиот фокус сега мора да биде да се испорачаат нови машини за печатење документи и да се испорачаат доволно обрасци за нив за да не ги доведеме во заблуда граѓаните. Затоа што не можеме да не потсетиме дека некој пет години зборуваше дека ќе си го вратиме името и затоа дел од граѓаните не отидоа да си ги сменат документите“, посочи Османи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава од 3 ноември 2021 година констатира дека „Северна“ е реалност, но ќе работат еден ден да се смени.
„Зоран Заев ја донесе таа нова реалност. Таа реалност нам не ни се допаѓа, но доколку не ја почитуваме во административното работење на институциите ќе имаме проблеми со Обвинителството, судството… Дали ќе работиме таа реалност еден ден кога ќе имаме можност да се промени, еве ви кажувам да – ќе работиме. Но, во моментов таа е реалноста во која функционираме сите ние“, рече Мицкоски.
Прашан како ќе ја смени таа реалност, Мицкоски одговори: „Кога ќе седнеме на маса еден ден со нашите пријатели, ќе се обидеме да ги убедиме дека оваа реалност за народот во Македонија е понижувачка“.






