Неверојатна „широкоградост“ на Гаши: од буџетот на РМ „500 милиони евра за албанските општини кога ќе влезат во Владата“!

„Кога ќе дојдеме во Владата 500 милиони евра ќе им бидат дадени на албанските општини!“ напиша лидерот на опозициската партија Алтернатива Африм Гаши на својот фејсбук-профил по завршувањето на партиските средби со членството и други жители на населените места во селската општина Теарце во тетовскиот регион. Со ова свое предизборно ветување Гаши пројави неверојатна „широкоградост“ дека ќе ги „чести“ единствено „албанските општини“ со „само половина милијарда евра“ од заедничкиот државен буџет, кој, инаку, им припаѓа во еднаква мера на сите граѓани на Македонија, без оглед на нивната етничка припадност! Исто така, Гаши не уточни кај „гледа“ „албански општини“ на територијата на унитарната држава Македонија, ниту најави колку пари ќе се „смилува“ да им даде и на другите општини, иако не се „албански“, откако ќе „влегле во владата“!



Во овој контекст во своето истапување на средбата во селото Нераште потпретседателот на Алтернатива Амир Елези нагласи дека неговата партија ќе се стреми да има „владини капитални инвестиции во албанските населби“, укажувајќи дека Алтернатива ќе работи, пред се, врз остварување на албанската етничка агенда, откако би влегла во идната Влада по завршувањето на парламентарните избори: „Составивме изборна програма, во чиј центар е албанскиот граѓанин, албанското семејство, предвидувајќи владини капитални инвестиции за албанските населби, затоа што е крајно време сега да им се надомести на Албанците за дискриминацијата, што се вршеше врз нив со години!“

На оваа средба организацискиот секретар на Алтернатива Башким Муртези се огласи со напад кон ДУИ, велејќи: „Не може да зборува за успех во политиката некој, кој не успеал во текот на 20 години да промени ништо во уставно-правниот статус на Албанците во Македонија.“ Имајќи го предвид високиот статус на овој партиски функционер на Алтернатива, дилема е: дали оваа опозициска партија, всушност, отсега најавува и дека не само „изобилно ќе ги финансира албанските општини“, туку и оти ќе бара промена на уставот, за да се „подобрел уставно-правниот статус на Албанците“, можеби за да станат „државотворен народ“?