Околу 350 лекари и 1.400 медицински сестри чекаат вработување додека ветените 1.117 се стопирани. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи и дали министерот за финансиии Бесими од ДУИ издал согласност за нив. Вработувањата на медицински кадар имаше само во болницата во Гостивар, објави РСЕ. Младиот доктор Александар Веселинов тргна на патот кон прво вработување. Тој е еден од најдобрите студенти на Медицинскиот факултет во Штип, каде дипломираше со просек 9,82, во минатата 2023 година.

Откако добил лиценца од Лекарска комора, чекал два месеца да го повикаат на т.н „платен стаж“ од шест месеци во државното здравство – обврска што ја има секој млад лекар за да може да запише специјализација.
Претходно, преку разни програми се обучувал во Истанбул и во Хрватска. Повик да дојдат на платен стаж овие денови добиле или треба да добијат уште околу 250 млади луѓе, сите лиценцирани доктори по медицина.

„Колеги чекаа и по 4-5 месеци, институциите си ја префрлаа топката, а ние губиме драгоцено време иако станува збор за правила на игра што ни ги наметна државата. Мислам дека сега што нè викнаа е поради притисокот од јавноста“, вели Александар за Радио Слободна Европа.
По задолжителното стажирање Александар ќе им се придружи на лекарите кои ќе чекаат вработување. А тие не се малку. Нема Клиника на која не недостига медицински кадар, додека лекари и сестри седат без работа.





