Вирусот се шири меѓу македонските земјоделски фарми. Месечно има по еден или два нови случаи на африканска чума во државата. Малите семејни фарми да ги применуваат биосигурносните мерки, а доколку не се сфатат сериозно препораките за преземање на соодветни мерки против африканската чума, земјава може да остане без свинско месо, предупредуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Од првиот случај во 2022 година до денес, кај нас се регистрирани 62 жаришта, а депопулација е извршена на преку 14 000 свињи.
- Проблемот со свинската чума трае веќе две години и има голем процент на заразеност во сите делови на државата. За жал, малите фармери, тие што не се регистрирани, не ги сфаќаат пораките од Агенцијата за храна и ветеринарство и од поголемите фарми и ние сме на удар. Болеста не е зооноза, но сепак се одразува врз економскиот дел и ако продолжи вака, би можеле да останеме без свинско месо на македонските трпези. Затоа, акцентот треба да се стави, пред се, на малите фарми, да се подигне нивото на свест за да можеме сите заедно да се бориме со овој горчлив проблем, ниту лек, изјави претседателот на Здружението на свињарски фарми „Македонско прасе“ Бојан Георгиевски.

Тој напомена дека против вирусот на африканска чума се уште нема вакцина.
- Имаме проблем со тргвоците на прасиња, фармите не се оградени, немаат бариери, гробници, комарници (зашто вирусот е векторски пренослив и може да с епренесе и преку храна и преку крв и преку облека), не се внимава кој влегува на фармата, а кој излегува. Ова се дел од најкруцијалните работи кои не се опфатени во онаа популација фармери кои се уште мислат за африканската чума исто како короната, дека е донесена од некаде за големите фарми да ги уништат малите. Но, тоа нема врска. Сите заедно работиме на овој пазар и за сите има место на овој пазар, посочи Георгиевски.
Според директорот на АХВ, Николче Бабовски, секојдневно се апелира до одгледувачите на свињи, ловните друштва и концесионрите на ловиштата да ги применуваат биосигурносните мерки.
- Веќе имавме медиумска кампања преку која се трудевме да им објасниме на сите одгледувачи на свињи, независно дали се мали семејни или големи фарми, што се треба да преземат. Од првиот случај на болеста во Европа во 2014 година до денес, преку системите за нотификација секојдвено гледаме нови жирашита, но и во нашата држава. Од првиот случај во земјава, во 2022 година, до денес има 62 регистрирани жаришта, а депопулација е извршена на преку 14 000 свињи. Оваа бројка за нашата економија е доста голема, истакна Бабовски.

Како што информира, волку високата бројка се должи на депопулацијата во фармата „Овчеполка“ каде биле уништени преку 8 000 грла.
- Сметам дека веќе не треба да алармира колку е поразителна оваа болест за економијата на секоја држава. Уште еднаш алармираме на буквално и целосно применување на бвиосигурносните мерки од одгледувачите, но и од Ловната федерација, концесионерите на ловиштата, националните паркови и секој граѓанин кој може да дојде во контакт со домашните, но, пред се, со дивите свињи зашто таму е резервоарот на вирусот, подвлече Бабовски.
Инаку, се работи за високосмртоносен вирус за домашните животни, кој предизвикува катастрофални последици во економиите на државите каде има голем замав, а во регионот речиси и да нема земја во која не е регистрирана болеста како кај домашната, така и кај дивата популација на свињи.





