Коалицијата на Данела Арсовска, СДС, ДУИ и Левица во Град Скопје се директно одговорни за хаосот  во ЈСП. Тие пред само еден месец лажеа, драматично го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ дека е одговорен за тоа што во Скопје нема градски превоз поради доцнење на платите.



Но, вистината излезе на виделина после помалку од еден месец. И овој месец повторно доцни исплатата на плата во законскиот рок во ова јавно претпријатие иако Советот изгласа субвенции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие додаваат дека вината е во нивната и неспособноста  на Данела Арсовска.

„Тие заедно со менаџерскиот тим во ЈСП,  иако добија 700 милиони денари или 11 милиони евра пред дваесетина дена, повторно доцнат со исплатата на плата во претпријатието во законски определениот рок, а причината никој не ја знае. Срамно и бедно. Уште се свежи сликите на Данела Арсовска како на 22 јануари прикажуваше лажен триумфализам и велеше дека се обезбедени пари за плати „за цела година да не му ја мислиме“ мафтајќи во занес со рачето. Зошто платите не се исплаќаат навремено“? прашуваат од партијата.

Според нив Данела и нејзините коалициски партнери безмилосно ги манипулираа Скопјани, возачите и нивните семејства за ситен поен.

„Да потсетиме, уште кога на вонредната седница се изгласаа 11 милиони евра субвенции на ЈСП, ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека претпријатието е бунар без дно поради лошото менаџирање.

Тогаш баравме извештај и увид каде и како се трошат народните пари?

И тогаш предупредувавме дека после само неколку месеци пак ќе дојдат Данела и менаџерите да бараат пари за плати во ЈСП“, нагласуваат од партијата.