Грција прва православна земја што ги легализира истополовите бракови

Грција денеска ги легализира истополовите бракови и еднаквите родителски права за истополовите двојки – пратениците го усвоија нацрт-законот што го подели грчкото општество и наиде на жестоко противење од моќната православна црква во земјата.



Иако Грција стана 16-та земја од Европската унија која дозволи истополови бракови, таа е првата православна христијанска нација што донесе ваков закон. Земјата ги прошири граѓанските партнерства на истополовите двојки во 2015 година, но не ги прошири еднаквите родителски права во тоа време.

Премиерот Кирјакос Мицотакис вети дека ќе ги донесе новите мерки по неговиот убедлив реизбор минатата година. Тој му кажа на својот кабинет минатиот месец дека истополовите бракови се прашање на еднакви права, истакна дека слично законодавство е во сила во повеќе од 30 други земји и рече дека не треба да има „граѓани од втор ред“ или „деца на помал Бог“.

Покрај признавањето на истополовите бракови, законодавството го отвора патот за посвојување и им дава исти права на двајцата родители од ист пол како законски старател на детето, а до денеска таквите права важеа само за биолошкиот родител. Тоа би влијаело и на секојдневниот живот на истополовите двојки, Мицотакис му рече на Парламентот, дозволувајќи им на оние со деца „да ги соберат од училиште, да можат да патуваат со нив, да ги однесат на лекар“.

Законот не им овозможува на истополовите двојки пристап до асистирана репродукција или можност за сурогат бременост. Исто така, не им дава права на трансродовите лица како родители.

Предлог-законот беше усвоен со 176 гласа „за“ и 76 „против“ во 300-члениот Парламент по повеќе од 30 часа жестока дебата во текот на два дена. Силната поддршка од централнолевичарските и левичарските опозициски партии ја протурка мерката.

Мицотакис го поздрави гласањето во објава на социјалните мрежи, опишувајќи го новиот закон како „пресвртница за човековите права“.